
„Пред неколку часа добивме писмо од Косово, во кое се потврдува дека ги укинуваат бариерите за увоз на мед и компир од Македонија, изјави денеска министерот за економија, Крешник Бектеши.
Од Косово испратиле и документација за стандардите за рибата и рибниот подмладок, како и тоа дека се врши мониторинг и со тоа Косово е вратено на листата земји од кои Македонија може да увезува риба и икри.
На прес-конференција во Владата, Бектеши рече дека ќе нема компромис и отстапки кога се работи за стандардите што треба да ги исполнуваат извозниците.
Одговарајќи на новинарско прашање, Бектеши уште еднаш повтори дека „нула“ е штетата од забраната што беше воведена пред околу еден месец.
Владата, потенцира Бектеши, останува посветена на продлабочување на соработката со Косово.