Укинати бесплатните прегледи за време на бременост и бесплатното породување за жените кои не се здравствено осигурани

Министерството за здравство во февруари 2022 година го укина буџетот за „Бесплатни прегледи и  лабораториски прегледи во тек на бременост, поврзани со бременост, бесплатно породување за бремени жени, кои се надвор од систем на задолжително здравствено осигурување“, од Програмата за активна здравствена заштита за мајките и децата, образложувајќи дека согласно законот сите граѓани имаат право на здравствено осигурување, известуваат од Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ) – Програмата за јавно здравје и здравје на жените

Наодите од теренот јасно укажуваат дека иако законски сите имаат право да бидат опфатени со здравствено осигурување, праксата покажува дека граѓаните се соочуваат со реални проблеми кои им оневозможуваат да бидат здравстевно осигурани. Една од причините е тоа што работодавачите не уплаќаат редовни придонеси за вработените.

„Немав здравствено осигурување четири месеци, затоа што фирмата каде што работев не ми платила придонеси, а потоа фирмата отиде во стечај. Поднесов пријава во Трудовиот Инспекторат и чекав 23 дена, дури потоа можев да добијам здравствено осигурување“, вели 22 годишна жена од Делчево.

Воедно потребата од плаќање на придонес за здравствено осигурување за невработени лица претставува пречка за обезбедување на здравствено осигурување.

„Шест месеци немав здравствено осигурување. Бевме осигурани врз основа на вработеност и јас и мојот сопруг, меѓутоа во исто време останавме без работа и јас си сопругот. Бидејќи имаме повеќе од 245 000 денари приход за ланската година, требаше да плаќаме 1 500 денари во Фондот. Ние немаме доволно пари и останавме без здравствено осигурување целото семејство“, вели 40-годишна жена од Делчево.

Здравствената заштита за време на бременоста е од исклучително значење за здравјето на мајката и детето и мора да се спроведе во точно назначени временски периоди. Несоодветна здравствена заштита за време на бременоста и при породувањето може да резултира со нарушено здравје, па дури и смртен исход за мајките и новороденчињата.

„Поради тоа бараме од Министерството за здравство веднаш да усвои мерка и буџет за да обезбеди бесплатна здравствена заштита за време на бременоста и при породувањето за сите жени без разлика на статусот на здравствено осигурување.

 

За повеќе информации за планирањето и реализацијата на Програмата за активна здравствена заштита можете да прочитате во анализата од мониторингот на Здружение ЕСЕ