Укинати сите ковид мерки, маски само во болници, аптеки, јавен превоз и старски домови

Владата на денешната седница одлучи да ги укине сите останати ковид-мерки, со исклучок на задолжителното носење заштитни маски во здравствените домови, аптеките, јавниот превоз и центрите за нега на стари лица и лица со посебни потреби. Одлуката на Владата следи по заклучокот на Комисијата за заразни болести за стабилната епидемиолошка состојба во земјава, донесена на 27 април.

Комисијата препорача укинување на сите рестриктивни мерки за справување со КОВИД-19, освен задолжителното носење маски во здравствени установи, аптеки, јавен превоз и домови за стари лица. Упати апел до граѓаните да ги почитуваат препораките за лична заштита и хигиена, како што се често миење раце, дезинфекција и одржување дистанца.

Од Комисијата потсети и дека вакцинацијата и понатаму останува најдобра и најефикасна мерка за заштита на здравјето на населението.