
На познатата американска тенисерка, сега 62-годишната Пем Шрајвер, ѝ се украдени бројни трофеи што ги освои во нејзината успешна кариера.
Шрајвер и нејзиното семејство се засолниле во хотел по разорните пожари во Калифорнија. Таа од дома ги однела само најосновните работи и најголемите трофеи што ги има освоено. Трофеите биле во автомобил кој бил украден од пред хотелот, објави американската мрежа ESPN. Така, таа останала без пет трофеи од УС Опен, пет од Ролан Гарос и еден од Австралија Опен.
Нејзиниот дом во Брентвуд е неоштетен, но Шрајвер ќе остане во хотел извесно време додека не се врати струјата во областа. Таа изјави дека е згрозена од грабежот по пожарите.
„Навистина е тажно кога луѓето се во најтешките времиња, други луѓе прават вакви работи“, рече Шрајвер.
Легендарната американска тенисерка во кариерата освои 133 турнири, од кои 21 во сингл, 111 во женски двојки и еден во мешани двојки. Во конкуренција на двојки, таа освои 21 Грен слем – седум Австралија Опен, четири Ролан Гарос и по пет Вимблдона и УС Опен.
Шрајвер и нејзината речиси редовна партнерка во двојки Мартина Навратилова се единствената женска двојка која ги освоила сите четири Грен слемови во една календарска година, во 1984 година. Таа го освои и олимпискиот турнир во двојки во 1988 година во Сеул со Зина Гарисон.