Украина можеби нема да има пари да исплати плати и пензии освен ако Европската унија не ја забрза финансиската помош, предупреди премиерот на земјата. Тој рече дека Брисел треба брзо да дејствува за да и ги префрли сите 9 милијарди евра (8,8 милијарди долари) што ѝ беа ветени на Украина во мај.
„Најважно за нас е тоа да дојде што е можно поскоро“, изјави Денис Шмигал за германскиот весник Frankfurter Allgemeine Zeitung во саботата. „Ни треба за да може нашиот финансиски систем да опстане. Дали тоа ќе дојде во форма на заем или грант е помалку важно“.
Шмигал предупреди дека „во исклучително негативно сценарио“, Украина може да заврши „да не плаќа плати и да не плаќа пензии“.
Премиерот ја обвини Русија дека се обидува да создаде „хуманитарна катастрофа“ во Украина што може „да предизвика ново миграциско цунами“. Тој повика на заплена на руските средства кои беа замрзнати откако Москва ја започна својата воена операција во февруари, за да може средствата да се искористат за закрепнување на Украина.
Штетата од осуммесечното војување изнесува „повеќе од 750 милијарди долари“, тврди официјалниот претставник.
Тој рече дека Украина ќе има потреба од повеќе од 10.000 мобилни генератори на електрична енергија и центри за затоплување во текот на зимата. Александар Харченко, советник на министерот за енергетика на Украина, оваа недела рече дека околу 40 отсто од локациите на енергетската инфраструктура во земјата се „сериозно оштетени“ од неодамнешните бранови на руски напади.
Киев почна да добива германски ракетни системи за воздушна одбрана ИРИС-Т овој месец. Сепак, на земјата сега итно ѝ треба повеќе муниција и анти-дронови со цел да се спротивстави на воздушните напади, рече Шмигал.
Русија ги засили нападите со ракетни и камикази беспилотни летала врз Киев и другите големи украински градови овој месец, постојано погодувајќи термоцентрали и далноводи, меѓу другите цели. Претседателот Владимир Путин рече дека интензивирањето на нападите е одмазда против „терористичките напади“ на руска територија, вклучително и камион-бомба што го оштети стратешкиот мост, кој го поврзува Кримскиот Полуостров со Русија.