Украина бара неколку стотици тенкови за да ја врати територијата

Украина има потребна од неколку стотици тенкови од своите западни сојузници за противофанзива против руските сили за да ја врати окупираната територија, изјави во понеделникот шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Ермак.

„Потребни ни се тенкови, не 10 или 20, туку неколку стотици… Наша цел се границите од 1991 година и казнување на непријателот кој ќе плати за своите злосторства“, напиша Ермак на Telegram.

Киев бараше претходно „илјада тенкови“ од своите западни сојузници во војната против Русија, што посочува дека нејзините тенковски сили се речиси уништени. Особено се бараат германските тешки офанзиви тенкови „Leopard 2“, откако Велика Британија најави дека ќе испорача 12 од првично бараните 50 свои тенкови од истата класа „Challenger 2“, а САД порачаа дека засега не размислуваат за испораки на своите „Abrams“, велејќи дека нивната логистика и одржување ќе биде голем товар за Киев.

Притисокот главно е врз Германија, којашто според некои процени во моментов располага со околу 400 оперативни тенкови „Leopard 2“ чиј производител концернот „Rheinmetall“ соопшти уште пред две седмици дека би можеле на Украина да ѝ испорача ремонтирани такви тенкови најрано во 2024 година.

Но овие тенкови од германско производство во своето вооружување ги имаат повеќе европски членки на НАТО, но за нивно предавање на Украина, според меѓународните купопродажни договори, одобрување за реекспорт треба да даде Германија.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки во понеделникот изјави дека неговата влада ќе побара од Германија одобрување да ги испрати тенковите „Leopard 2“ во Украина и дека планира да ги испрати дури и без одобрување од Берлин. Според регистарот на оружја на Обединетите нации од 2019 година, Полска поседува 247 тенкови „Leopard 2“.

Моравјецки алудираше на изјавата од неделата вечерта на германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок за француската телевизија LCI, дека Германија „нема да стои на патот“ на Полска да ги испрати тенковите во Украина. Но не е јасно дали изјавата на Бербок, која е од партијата на Зелените го изразува ставот на целата влада на социјалдемократскиот канцелар Олаф Шолц.