Украина бара тешко оружје: Руската артилерија е осум пати побројна

Руската артилерија ја надминува украинската во однос осум спрема еден, што ја става Украина во подредена положба, изјави денеска портпаролот на Украинската меѓународна легија.

Демиен Магру, портпарол на организацијата која обединува странски државјани, на брифинг во Киев изјави дека јазот може да се премости доколку Западот испрати повеќе тешко оружје во Украина.

„Влегуваме во фаза на војната кога силно се чувствува нашата подредена позиција во однос на руските сили во врска со тешкото вооружување“, рече Магру.

Тој додаде дека на бојното поле може да се види ефикасноста на повеќецевните фрлачи M142 ХИМАРС испорачани од САД.

„Веќе можете да ги видите резултатите“, рече Магру.

Тој исто така изрази загриженост за судбината на странските борци приведени во самопрогласената Народна Република Доњецк во источна Украина.

Ентитетот поддржан од Русија осуди на смрт тројца странски државјани кои се бореле во украинските вооружени сили.

„Многу сме загрижени за инструментализацијата на затворениците“, рече Магру.