Украина бара западни борбени авиони, тенкови и воени бродови

Заменикот на украинскиот министер за надворешни работи Андриј Мељник побара во понеделникот западни борбени авиони, тенкови и воени бродови, по ветувањето на САД дека на Украина ќе и испорачаат една батерија противракетен систем „Patriot“ кој чини 1,1 милијарда долари а проектил за најновата модификација чини 4,1 милиони долари.

„Украина е многу благодарна на храбрите нови потези на САД. Но познато е дека постојат уште табуа кои треба да се разбијат. Итно ни се потребни западни тенкови, борбени авиони, воени бродови, повеќецевни лансери за ракети, муниција“, изјави Мељник.

Украинскиот дипломат, притоа, не наведува како украинските војници ќе ракуваат со овие модерни вооружени системи и опрема, ниту колку би траеле нивната сложена обука.

„Тоа е нашата единствена желба за Божик. Во спротивно војната ќе предизвика уште повеќе страдања, смрт и уништување на Украина“, рече Мељник, поранешниот контроверзен амбасадор на Украина во Германија кој беше повлечен по жестоките реакции на официјален Берлин и на германската јавност поради неговите навреди.

Во потврда на неговите барања наведе дека рускиот претседател Владимир Путин ја подготвува војската и јавноста за долготрајна војна, и оцени дека ги мобилизира сите расположливи ресурси.

Ова тврдење Мељник го изнесе откако во неделата повеќе украински медиуми известија дека украинската војска спроведува необјавен нов бран мобилизација и емитуваат снимки како војници на улица на минувачи им врачуваат покани да е јават во центрите за регрутирање и мобилизација.

„Украинците се подготвени да се борат за ослободувањето на својата татковина, вклучително и Крим, до последен здив. Тоа е сигурни, без оглед на тоа што ќе сторат нашите сојузници“, истакна Мељник.

Отфрла преговори со Русија за постигнување примирје и наводни изјави од Москва за подготвеност преговори ги нарече „целосен блеф“.

За волја на вистината, руската страна изјавува дека е подготвена да преговара, но под нејзини услови, што би претпоставило согласност на Киев со отстапување на териториите каде е мнозинско руското население. Минатата седмица од Москва, вклучително и од Путин, беше повеќепати посочено дека „нема со кого да се преговара“.

Мељник „категорично“ ја отфрли можноста Украина да препушти кој и да е дел од територијата што ја смета за своја, и порача дека „Киев тоа го смета за неприфатливо“, како и дека „тоа нема да се случи“.