Германската канцеларка Ангела Меркел денеска ги повика властите во Киев да покaжат воздржаност, откако украинскиот претседател Петро Порошенко го повика НАТО да испрати бродови во Азовското Море за да ја поддржи Украина во спорот со Русија околу Крим.
– Испраќаме молба до Украина да покаже воздржаност, бидејќи работите може да се решат само ако сите останеме разумни и ако разговаравме меѓу себе. Овие противречности не можат да бидат решени со воена сила, изјави Меркел во обраќањето на Германско-украинскиот економски форум во Берлин.
Таа нагласи дека за ситуацијата околу Азовското Море ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин за време на претстојниот Самит на Г-20 во Аргентина.
Меркел нагласи дека иако Договорите од Минск не довеле до решавање на кризата во Украина, Германија и Франција ќе продолжат да работат за надминување на проблемите во рамки на т.н. нормандиски формат, кој покрај овие две джрави го сочинуваат и Русија и Украина.
– „Минск“ овозможи избегнување на сериозна ескалација во Донбас, но не придонесе за политичко решавање на проблемот и таму секој дневно гинат луѓе, порача Меркел.
Порошенко во интервју за магазинот „Билд“ го повика НАТО да стационира воени бродови во Азовското Море и да ја поддржи Украина во спорот со Русија.