Украина ќе остане без ракети за противвоздушна одбрана на 3-ти мај, според медиуми

Украина може да остане без проектили за системите за противвоздушната одбрана „Бук“ до 13-ти април, а до 3-ти мај може да бидат потрошени и проектилите за системите „С-300“, поради што без покриеност од воздушни удари ќе останат околу 40 критични објекти, пренесува американскиот весник The Wall Street Journal, повикувајќи се на тајните документи на Пентагон кои пред неколку седмици истекоа на социјалните мрежи.

„Според претпоставениот таен слајд на презентација на Пентагон од 28-и февруари, Украина целосно ќе ги исцрпи своите залихи од ракети за ‘Бук’ до 13-ти април, а ракети за ‘С-300’ до 3-ти мај, според сегашното темпо на нивно користење“, се наведува во извештајот на весникот кој цитира дел од доверливите документи на Пентагон и американското разузнавање кои се најдоа на Twitter и Telegram.

Како што пренесува WSJ, повикувајќи се на друга презентација на Пентагон, исто така, датирана од 28-ми февруари, поради недостиг од муниција за повеќецевните лансирни системи, дел од критичната инфраструктура на Украина ќе остане незаштитена од воздушни удари.

„Во тој период…. поголемиот дел од критички важната национална инфраструктура на Украина надвор од регионот на Киев и два други региона во југозападна Украина веќе нема да имаат покриеност за воздушната одбрана. Бројот незаштитени критични објекти ќе порасне од шест на повеќе од 40“, ги цитира весникот податоците од наводниот документ на Пентагон.

Според податоците од овој сет доверливи американски документи, украинските противвоздушни ракетни системи „С-300“ истрелувале околу 200 ракети, а системите „Бук“ околу 69 ракети месечно.

САД, Норвешка, Канада и Германија последните месеци ѝ испорачале на Украина два противвоздушни системи NASAMS и еден IRIS-T, но според протечените документи и тие, исто така, би можело да останат без муниција до мај.

САД и Германија неодамна најавија префрлање на две батерии за противвоздушна одбрана „Patriot“ во Украина. Италија, претходно се согласи на Киев да му испорача, заедно со Франција, напреден систем за истата намена SAMP/T.

Како што се забележува во написот во The Wall Street Journal, во споменатите доверливи материјали било наведено дека таквиот обем на противвоздушни средства не е доволен да се осигури безбедноста на целата територија на Украина. Американската команда во Европа проценува дека на украинската војска ѝ се потребни 12 батерии од системите „Patriot“ или SAMP/T и 16 батерии од класатa NASAMS или IRIS-T за да обезбеди адекватна покриеност. Според тоа, било наведено натаму во документите, на Украина ѝ се советува да осигури дополнителна муниција за „С-300“ и за „Бук“ системите од странство. Но притоа се оценува дека тоа е тешка задача, бидејќи украинските сојузници кои имале такви системи веќе ѝ ги испорачале своите залихи.