Украина ќе префрли дополнителни сили во Бахмут

Украинската команда одлучи да распореди дополнителни воени единици во Бахмут на истокот од одметната проруска област Доњецк кој е речиси опколен од руските сили, соопшти заменичката на украинскиот министер за одбрана Ана Маљар ден откако Олександр Родњански, економски советник на украинскиот претседател Володомир Зеленски во интервју за CNN изјави дека веројатно украинските сили ќе се повлечат од градот.

„Генералот Сирски командува со Источната групација сили. Тој е постојано на истокот и на линијата на фронтот. Генералот пропатува практични низ целиот Бахмут, беше во штабот (…) На самото место беа донесени некои одлуки. Меѓу другото и одлука за распоредување дополнителни единици и одредени одлуки кои не може да бидат објавени“, ја цитира Маљар весникот Украинские Новости

Нагласила дека „епицентарот на борбите“ сега е во Бахмут (Артјомовск, на руски), и оти ситуацијата таму е „напната“.

Претходно во интервјуто за CNN Роњански изјави дека доколку е потребно Киев може „стратешки да ги повлече“ единиците од Бахмут, за да се избегне залудно жртвување на војниците. САД уште пред два месеца го советуваа Зеленски да ги повлече тие единици од Бахмут и да ги сочува за најавената пролетна офанзива.

Како што подоцна објави CNN, сега повикувајќи се на портпаролот на Источната групација украински единици, Серхиј Череватов, украинската команда не донела одлука да не ги повлекува силите од Бахмут. Според него. Додал дека одлуката за отстапување од позициите треба да биде донесена на состанок на штабот.

Претходните наводи за наводно повлекување на украинските сили до Бахмут ги отфрли и шефот на руската приватна воена компанија „Вагнер“, Евгениј Пригожин прецизирајќи дека украинската војска на овој дел од боиштето префрла дополнителни единици и оти во битките се вклучени од украинска страна илјадници украински борци.

Украинскиот претседател Володомир Зеленски призна во вообичаеното ноќно обраќање кон вторникот дека ситуација во околината на и во утврдениот град Бахмут на границата на одметнатиот проруски регион Доњецк, е сѐ потешка.
„Ситуацијата станува сѐ потешка. Непријателот систематски разорува сѐ што може да се употреби за заштита на нашите позиции“, рече Зеленски во видео-обраќањето нарекувајќи ги украинските војници кои учествуваат во битката „вистински јунаци“.

Но украински војници со кои контактирала американската телевизија CNN предупредиле дека ситуацијата во Бахмут е многу полоша отколку што ја опишува официјален Киев. Новинската агенција Bloomberg News, пак, предупреди дека доколку руските сили ја преземат целосно контролата над Бахмут, тоа ќе претставува голем чекор кој завладување на целата административна територија на регионот Доњецк до превратот и граѓанската војна во 2014 година.

Во понеделникот челникот на проруските сепаратистички сили од Доњецк, Денис Пушилин, изјави за медиумите дека практично сите патни правци кон Бахмут се во „огнен дострел“ на руските единици. Команданти на групата „Вагнер“, пак, изјавија дека нивните борци ги имаат под контрола речиси сите приградски населби и водат жестоки борби на еден километар од самиот центар на градот и оти напредувањето напредува „во метри, улица по улица, куќа по куќа“.

Руските воените аналитичари го поставуваат одамна прашањето зошто руските сили не го заземаат единствениот пат кој се користи за снабдување на украинските сили во Бахмут. Западните воени аналитичари, пак, во последно време го минимизираат стратешкото значење на Бахмут, иако станува збор за јазол од кој се отвора патот и кон северот на фронтот и кон централна Украина. Но има и такви коишто предупредуваат дека во борбите за градот украинската војска загубила премногу припадници од своите борбено најподготвени единици, потсетувајќи дека САД уште пред два месеца го советуваа Зеленски да ги повлече тие единици од Бахмут и да ги сочува за најавената пролетна офанзива.

Бахмут се наоѓа на 55 километри североисточно кон централна Украина од милионскиот град Доњецк, во северниот дел од истоимениот регион крај местото Горловка. Станува збор за важен логистички центар за украинската групација војски во целата област Донбас. Бахмут се наоѓа и на главниот патен правец кон градовите Славјанск и Краматорск, и двата во индустрискиот регион Донбас, а од нив се отвора простор за руско напредување кон централна Украина.