Украина есенва ќе добие тенкови од САД, тврдат извори

Пентагон планира да ја забрза испораката на американските тенкови од моделот „М1 Abrams“ за Украина, изјавил за Reuters неименуван американски функционер и извор запознаен со ситуацијата, а планот бил да се испорача ова вооружување коешто се смета за клучно за Киев уште оваа есен.

Во јануари годинава администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден вети дека на Украина ќе ѝ достави 31 тенк од моделот „M1A2 Abrams“, откако со месеци ја избегнуваше идејата за предавање на тенковите кои се скапи и тешки за одржување.

Американските функционери и воени стручњаци предупредуваа и порано дека тенковите „М1 Abrams“ се тешки за одржување. Истакнаа дека е тешко да се оспособат Украинците да ги користат овие оружја опремени со напредна технологија. Покрај тоа, се потсетува дека овие тенкови користат големи количества гориво и тоа керозин, што значително ја отежнува нивната логистика, сложени се за ремонт, тешки се над 60 тони за меката украинска почва, поради што се лош избор особено во пролетната фаза од војната.

Новиот план предвидува на Украина да ѝ бидат испорачани тековите од моделот „M1A1 SA Abrams“, кој може да работи на дизелско гориво, како и повеќето тенкови со коишто досега располага Украина, рекол за Reuters еден од соговорниците. Таа промена, исто така, подразбира забрзување на испораките за речиси цела година, според помошник на конгресмен кој според агенцијата е упатен во ова прашање.

Портпаролот на Пентагон одбил да го коментира скорешниот рок, бидејќи Министерството за одбрана на САД претходно не понудило конкретен датум за своите напори американските тенкови да бидат предаден на украинската армија, велејќи само дека за тоа „ќе бидат потребни месеци“.

„Работиме на тоа. Постојат некои промени кои може да се направат во процесот за на некој начин да биде забрзан“, изјави претходно во вторникот портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби за телевизиската мрежа MSNBC.

Американскиот министер за одбрана Лојд Остин разгледал неколку опции за забрзување на испораките на тенковите и дошил до одлуката којашто би го скратила времето за околу една година, рекол за Reuters помошник во Конгресот кој бил наводно запознаен со планот.

Примерите за опциите коишто Остин можел да ги проценува вклучуваат промена на позицијата во редот за испораките или за користењето на американските тенкови од коишто е отстранета чувствителната опрема, поради стравувањата дека руската војска може да ги зароби и да ја проучува, како што веќе се случи со германските тенкови „Leopard 2A“.

Производствената линија на американскиот производител „General Dynamics Corp“ во моментов довршува околу 12 тенкови „Abrams“ месечно, пишува Reuters повикувајќи се на своите извори.

Средствата за преоработка или купување на тенковите „Abrams“ би доаѓала од фондот познат како Иницијатива за безбедносна помош на Украина (USAI), што ѝ овозможува на администрацијата на претседателот Бајден да набавува оружје директно од воената индустрија наместо од американските залихи на оружје.