Руските сили уништија или зазедоа неколку украински позиции во близина на источниот град Покровск, соопшти во средата украинската војска, додека Москва го насочи својот нишан кон стратешкиот логистички центар, во кој се наоѓа и рудник за јаглен погоден за коксирање, пишува Reuters.
По неколку месеци забрзан напредок кон Покровск, руските сили сега се на само три километра од јужната периферија на градот, според украинската веб-страница DeepState, која објавува мапи од развојот на моменталната ситуација на фронтот врз основа на јавно достапни податоци.
„Како резултат на продлжените судири, две наши позиции беа уништени, една е освоена. Во моментов се преземаат мерки за да се вратат овие позициите“, изјави на телевизијата Назар Волошин, портпарол на украинската армија за источниот фронт.
Покровск, на околу 18 километри од границата на украинските региони Доњецк и Дњепропетровск, со месеци е сцена на најжестоките борби во 33-месечната руска инвазија во Украина.
Руската армија напредуваше во градот во октомври и ноември со брзина што не е забележана од првите месеци на војната, велат западните воени аналитичари. Украина, која е во неповолна положба на фронтот уште по нејзината неуспешна контраофанзива во летото 2023 година, тврди дека Русија се соочува со некои од своите најголеми загуби од почетокот на војната, пишува Reuters.
Според проценките на британската новинска агенција, Украина и Русија го земаат предвид сѐ поголемите изгледи за мировни преговори, при што новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој се подготвува да ја преземе функцијата на 20 јануари, повика на итен прекин на огнот и брз крај на војната.
Киев ги повика своите сојузници да го постават во најсилна можна позиција на бојното поле пред да се одржат какви и да се преовори преговори.
Русија, за која Украина тврди дека има повеќе од 70.000 војници на бојното поле во Покровск а што инаку е бројка војници со којашто започна руската инвазија кон крајот на февраури 2022 година, забрзано напредува во последните седмици кон Шевченко, село јужно од градот каде украинската војска има силни уврдени позиции.
„Нејзините (руските) сили во моментов се обидуваат да воспостават упориште во селото и испраќаат разузнавачки и диверзантски групи“, рече Волосин. „Украина засега ги задржува, додаде тој.
Падот на Покровск, важен логистички центар за украинската армија на истокот, ќе претставува најголем воен удар за Киев последните неколку месеци. Градот е, исто така, единствениот украински снабдувач на кокс за некогаш огромната челична индустрија во земјата. Рудникот, кој сѐ уште беше отворен на 6 декември, се наоѓа на 10 километри западно од Покровск.