Украина ги минира правците кон границата со Белорусија, обвинија од Минск

Државниот граничен комитет на Белорусија предупреди во саботата дека украинската војска продолжува со минирање на теренот и објектите во непосредна близина со белоруската граница.

Во соопштението кое го пренесува белоруската службена новинска агенција БелТА, Минск обвинува дека покрај уништувањето на пристапните правци и инфраструктурните објекти во близина на граничните премини, поставени се и мини и во областа во зелениот дел од другата страна на границата.

„Уште еден таков потег е регистриран на 9-ти ноември“, се вели во соопштението.

Претходно белоруските власти повеќепати предупредија на можни провокации на границата со Украина, а Минск тврдеше дека украинската војска ги минира патиштата и мостовите од другата страна на заедничката граница. Според Минск, Украина во близина на границата концентрирала над 20.000 војници.

Киев го обвинува Минск дека ја отстапил територијата на Русија за нападот од февруари и дека наводно руските напади врз Украина се изведуваат од белоруската територија.

Белорусија и Русија пред помалку од два месеца, во рамките на нивниот договор за Сојузна држава, со образложение за зголемени трупи на НАТО на белоруските граници формираа заеднички сили во кои учествуваат 9.000 руски војници, поддржани со борбени авиони и оклопни единици.