Украина ги повлече своите борци од неколку села во североисточниот регион Харков, каде што руските сили напредуваат и гранатираат села во новата офанзива долж границата, соопшти Киев.
Војската даде детали за повлекувањето по обновените повици на претседателот Володимир Зеленски до САД да ги забрзаат воените набавки, објави АФП.
Москва започна ненадеен копнеен напад во регионот Харков минатата недела во обид да напредува на бојното поле бидејќи на Киев очајно му треба оружје и војници.
„Во некои области, во близина на Лукјанци и Вовчанск, како одговор на непријателскиот оган и нападите на копнените сили и со цел да се спасат животите на нашите војници и да се избегнат загуби, нашите единици маневрираат и се движат на поповолни позиции“, соопшти доцна синоќа, украинската армија.
За време на повеќе од 2-годишната војна, двете страни користеа „поповолни позиции“ за да означат повлекување.
Двете населби – на околу 30 километри една од друга – се блиску до границата со Русија и се цел на новата офанзива.
Украинскиот Генералштаб соопшти дека ситуацијата „останува тешка“, но инсистираше на тоа дека силите на Киев „не им дозволуваат на руските окупатори да напредуваат“.
Во областа е испратено засилување, забележува БНР.
Во меѓувреме, руските одбранбени системи пресретнаа и уништија 17 беспилотни летала во неколку погранични региони на Украина, како и десет ракети АТАКМС над полуостровот Крим, пишува Дејли Телеграф.
„Во текот на ноќта беа спречени неколку обиди на режимот во Киев да изврши терористички напади врз цели на територијата на Русија“, се вели во соопштението на руското Министерство за одбрана.
Во Ростовската област, два дрона оштетија складиште за гориво и предизвикаа експлозии, објави локалниот гувернер Василиј Голубев на Телеграм.
Утрото на 10 мај, руската армија изврши напад врз областа Харков.
Според воени експерти, руското напредување во регионот Харков е обид Русија да создаде тампон зона во близина на Белгород. Но, други сметаат дека сепак станува збор за офанзива за заземање на Харков.
Џон Кирби, координатор за стратешки комуникации на Советот за национална безбедност на САД во Белата куќа, најави можност за голема офанзива на руските војници врз Харков на 10 мај. Постои можност слична руска инвазија да се случи во правец на украинскиот град Суми.
Според Марина Мирон, руската армија нема за цел да го освои регионот Харков. „Мислам дека Русите не се обидуваат да го заземат регионот Харков во овој момент бидејќи ќе им требаат многу повеќе војници и тие не ангажираа доволно војници за тоа. Тие исто така не ангажираа доволно војници за да го заземат Волчанск, смета експертот, истакнувајќи дека ситуацијата постојано се менува. На 13 мај, Генералштабот на вооружените сили на Украина објави дека руската армија постигнала „тактички успех“ за време на битките кај Волчанск.
Веројатно, со отворање на друг фронт, руските војници се обидуваат да ги повлечат украинските сили од други правци во регионот на Доњецк – со цел да развијат офанзива во областа Авдеевка, забележува Мирон. Според неа, целта на руската армија е да го одвлече вниманието на украинските војници, знаејќи дека на украинските вооружени сили им недостасува жива сила, за да напредуваат во правец на Курахово, Селидово и Покровск. „Идејата е да се поделат украинските сили и да се оди во задниот дел на групите на украинските вооружени сили во близина на Угледар, како и Славјанск и Краматорск“, смета експертот.
Русија напаѓа, искористувајќи го фактот што западната воена помош пристигнува во Украина предоцна и недоволно.