![Iran balisticki raketi](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2024/09/Iran-balisticki-raketi.jpg?resize=696%2C388&ssl=1)
Украина го повика Иран да не ја снабдува Русија со балистички ракети под никакви околности, откако се појавија извештаи кои сугерираат дека Москва наводно прима пратки со напредно оружје.
„Потврдувањето на таквите извештаи би имало сериозни последици за билатералните односи меѓу Киев и Техеран“, соопшти во саботата украинското Министерство за надворешни работи.
Се вели дека „продлабочувањето на соработката меѓу Иран и Русија ја загрозува безбедноста не само на Украина, туку и на Европа, на Блискиот Исток и на остатокот од светот“.
Киев долго време го обвинува Техеран дека ја поддржува руската војна, особено преку испорака на ирански беспилотни летала или планови за нивна изградба.
„Меѓународната заедница мора да го зголеми притисокот врз Иран и Русија за заштита на меѓународниот мир и безбедност“, се вели во соопштението за печатот на Министерството за надворешни работи во Киев.
Претходно ноќта кон саботата Постојаната мисија на Иран во Обединетите нации го негираше пишувањето на американскиот весник The Wall Street Journal и објави дека не доставува оружје за страните вклучени во конфликти во светот, вклучително и во војната во Украина, и ги повика сите земји да го следат овој пример.
„Позицијата на Иран во однос на конфликтот во Украина останува непроменета. Иран смета дека е нехумано да се обезбеди воена помош за страните вклучени во конфликтот, што доведува до зголемување на човечките жртви, уништување на инфраструктурата и оддалечување од преговорите за прекин на огнот“, се наведува во објавата на иранската дипломатска мисија.
Како што се додава во соопштението, Иран не само што се воздржува од учество во такви активности, туку и ги повикува другите земји да престанат со снабдување со оружје на страните вклучени во конфликтот.
Претходно, американскиот весник The Wall Street Journal објави напис во кој се цитираат неименувани американски и европски претставници, во кој се тврди дека Иран наводно ѝ испорачувал на Русија балистички ракети со кус дострел.
Москва и Техеран постојано ги отфрлаа верзиите за руски испораки на иранско оружје за употреба во Украина, вклучително и беспилотни летала. Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков ваквите извештаи ги нарече лажни и нагласи дека руската армија користи дронови исклучиво од домашно производство.
Во ноември 2022 година, тогашниот шеф на иранското Министерство за надворешни работи рече дека Техеран ѝ испорачувал беспилотни летала на Руската Федерација, но во мали количества и тоа неколку месеци пред почетокот на руската инвазија во Украина.
Меѓу аналитичарите преовладува убедувањето дека Русија околу 2020 година му помогнала на Иран да дојде до дојде до технологијата на напредните американски дронови за да избегне дипломатска ескалација со Вашингтон, а за возврат добива одредно количества бесплотни летала во првата година од речиси 30-месечната војна во Украина кога на фронтот значително заостануваше зад украинската војска во овој нов вид војување.