Украина го призна падот на Лисичанск, ракетирала руска база во Мелитопол

Руските сили се зацврстуваат во источниот украински град Лисичанск, последниот во одметнатата проруска покраина Луганск кој беше под контрола на украинските сили, објавија во неделата украински извори кои не откриваат дали во градот има некој украински војник, пренесува германската агенција DPA откако ноќта кон неделата проруските сепаратисти објавија дека ја имаат целосната контрола над градот.

„Во регионот Доњецк окупаторите се концентрираат на зацврстување на своите позиции во градовите Лисичанск и Верхонмјанка“, објави во неделата генералштабот на украинските вооружени сили.

Украинскиот воен администратор на Луганск, Серхиј Хајдај, потврди на својот Telegram канала дека руските сили се „зацврстиле во округот Лисичанск“. Но останува нејасно дали украинските единици се сѐ уште во градот.

Во саботата проруските сепаратисти објавија дека целосно го заземале Лисичинск, на што Киев одговори дека овој стратешки важен град и натаму е под украинска контрола.

Лисичанск беше последниот голем град под украинска контрола во регионот Лиганск по падот на Северодоњецк и ќе овозможи напредување кон Славјанск и Краматорск, двата преостанати поголеми градови во индустриската област Донбас кои се под контрола на украинските сили.

Истовремено украинската војска објави дека нејзините сили со повеќе од 30 ракетни удари ја нападнала руската воена база во јужниот град Мелитопол кој е под контрола на руските и проруските единици, изјави во неделата именуваниот украински градоначалник кој е во Киев, Иван Федоров.

„Во 3 и 5 часот утрото имаше повеќе од 30 удари исклучиво врз воената база“, изјави Федеров во видео поставено на Telegram додавајќи дека „базата е ставена вон функција“.

Федоров, исто така, рече дека поради украинската диверзија руски оклопен воз, кој пренесувал муниција, во саботата излетал од шините крај Мелитопол.

Руската новинска агенција РИА извести дека Украина го гаѓала подрачјето на Мелитопол каде се наоѓа градскиот аеродром, но не прецизира евентуални штети.

Агенцијата го цитира локалниот руски администратор Владимир Рогов кој рекол дека околу 16 до 18 проектили со среден дострел го погодиле Мелитопол во два напада во 3 и во 4,45 часот утрото.