
Киев лансираше ракети и беспилотни летала во руските региони Брјанск и Белгород, соопштија во раните утрински часови во саботата Министерството за одбрана во Москва и локалните власти. И двата региона делат граница со Украина.
Проектил погоди куќа во градот Белгород, при што загина едно лице, а четири се повредени, меѓу кои и десетгодишно дете, изјави гувернерот Вјачеслав Гладков. Тој додаде дека во „масивниот бараж“ во текот на ноќта оштетени се десет куќи и две возила.
Според Гладков, во петокот вечерта бил гранатиран и пограничниот град Шебекино, што резултирало со оштетување на неколку куќи.
Министерството за одбрана објави кратко соопштение, во кое се вели дека 13 „проектили“ се уништени над регионот Белгород.
Гувернерот на Брајанск, Александар Богомаз, на Телеграм напиша дека регионот бил цел на беспилотни летала камикази, од кои неколку биле соборени од воздушната одбрана.
Министерството подоцна објави посебна изјава, велејќи дека 32 беспилотни летала биле пресретнати и уништени во текот на ноќта во регионите Брјанск, Курск, Ориол и Москва.
Нападите уследија откако руското Министерство за одбрана потврди дека се извршени големи воздушни напади врз воени цели во Украина. Официјални лица во Киев ја опишаа петочната рација како најголема откако Москва ја започна својата воена операција во февруари 2022 година. Според украинскиот министер за внатрешни работи Игор Клименко, 30 луѓе биле убиени, а повеќе од 160 биле ранети.