Украина губи до 200 војници дневно, преговори за извлекување на опколените крај Северодонецк

Меѓу 100 и 200 украински војници гинат дневно на боиштата на југоистокот на земјата во борбите со проруските сили помогнати од руската војска, соопшти советникот на шефот на кабинетот украинскиот претседател Михаил Подолјак.

Претходно во четвртокот украинскиот министер за одбрана, Олексиј Резников, изјави дека украинските загуби во жива сила на дневно ниво изнесуваат до 100 загинати и 500 ранети војници. Тоа се совпадна со податоците што на почетокот од седмицата ги соопшти украинскиот претседател Владимир Зеленски, според дневно гинат меѓу 60 и 100 украински војници а 500 поради разни повреди се надвор од борбениот строј.

Како што пренесе рано во петокот сервисот на BBC на украински јазик, Подолјак како една од главните причини за големите загуби го наведе несразмерноста во вооружувањето на штета на украинските сили. Според него, на Киев му се потребни стотици западни артилериски системи, и притоа прецизираше дека во моментов украинската армија има потреба од 300 повеќекратни ракетни системи.

Истовремено во петокот Родион Мирошник, ткн амбасадор во Русија на сепаратистичката самопрогласена Народна Република Луганск, објави дека украинските војници опколени во хемиската фабрика „Азот“ крај Северодонецк бараа контакти за преговори со проруските сепаратисти.

„Помала групација украински формации на територијата на хемискиот комбинат ‘Азот’ веќе не може да ја напушти фабриката, Сите правци на повлекување се прекината. Поединечни претставници на милитантите (украинските борци) се обидуваат да стапат во контакт со сојузничките војски и да постават некои услови. Објаснето им е дека нема да бидат прифатени никакви нивни услови, освен да го положат оружјето и да се предадат. Сега тоа го разгледуваат“, објави Мирошник на својот Telegram канал.

Според него, можно е да има цивили во засолништата на територијата на комбинатот „Азот“, но вели дека нивната точна бројка не е позната. Некои од нив наоѓаат начини да контактираат со роднините, потврдувајќи дека се живи и дека продолжуваат да се кријат во засолништата од бомбардирања изградени уште во советската ера.

Пред една седмица Апти Алаудинов, еден од водачите на чеченските сили кои им помагаат на проруските сили во Луганск, изјави дека според информациите добиени од заробен украински војни, претходно седмицава при повлекување до Северодонецк, борците на злогласниот украински баталјон „Ајдар“ составен од припадниците на крајно десните движења, земале околу 300 цивили и ги однеле на територијата на комбинатот „Азот“.

Од друга страна челникот на воено-цивилната администрација на Луганск поставен од Киев, Серхиј Хајдар, изјави дека во засолништата во „Азот“ има околу 800 цивили.

 

Жестоки борби за Северодонецк

Украинските сили ги одржуваат своите позиции во Северодонецк, но се соочуваат со постојани гранатирања од руските единици против кои се водат и улични борби, изјавиле за Reuters украински функционери во врска со борбите за клучниот град со чие заземање проруските сепаратисти би ја контролирале целата административна територија на областа Донбас од пред превратот во Киев во 2014 година.

Северодонецк и блискиот град Луганск на левата страна од реката Донец се последните урбани места под украинска контрола во Луганскиот регион, чие заземање е клучната цел на руската инвазија во Украина. Покрај тоа, контролата над овие два града отвора и можност за продор кон централните области на Украина.

Секретарот на украинскиот Совет за безбедност и одбрана, Олексиј Данилов, претходно во четвртокот изјави дека ситуацијата во Северодонецк е „исклучително комплицирана“ и дека руските сили ја „сосредоточиле целата своја сила“ на таа област.

„Тие не ги штедат своите луѓе, тие само испраќаат луѓе како топовско месо… тие деноноќно ја гранатираат нашата војска“, тврдеше Данилов во интервју за Reuters.

Воениот градоначалник на Северодонецк, Олександар Стрјук, изјави дека во градот има уште околу 10.000 цивили кои се заробени во градот, околу десет пати помалку од предвоеното население.

Проруските сили, кои со помош на руските војски вршат напади од север и југ и се обидуваат целосно да ги опколат украинските сили во целиот Донбас, повторно ја обвинија украинската стратегија своите огнени позиции да ги поставуваат во цивилна инфраструктура и дека како „жив штит“ го држат цивилното население и не му се дозволува да се евакуира.

Украина повторно бара дека нејзината единствена надеж за наводен пресврт на ситуацијата на теренот во Северодонецк е да добие повеќе артилерија, бидејќи Русија е несомнено надмоќна во тој аспект. Меѓутоа, воени стручњаци предупредуваат дека и во тој случај руската надмоќ во тој поглед ќе биде и натаму демонстрирана на боиштето, а покрај тоа се наведува и доминацијата во воздухот.

Петро Кусик, командантот на баталјонот „Слобода“ во рамките на Националната гарда на Украина, во којашто властите во Киев ги вклучија паравоените формации од 2014-та на крајно десничарските и националистички движења кои сега се најдобро вооружени и најдобро обучени, продорот на проруските и руските војници во градската област на Северодонецк го толкува со наводната стратегија на Украинците да ги вовлечат Русија во улични борби за да ја неутрализираат артилериската надмоќ на противникот.

„Вчера беше успешен ден за нас, тргнавме во противофанзива и на некои подрачја успеавме да ги потиснеме еден или два блока. Во некои нѐ турнаа назад, но само за зграда или две“, изјави Куси во телевизиското интервју.

Меѓутоа, рече дека неговите сили трпат поради „катастрофален“ недостиг од противбатериски оган. Во прилогот на Reuters се наведува дека репортерите на агенцијата не можеле да ги потврдат неговите наводи од независни извори.

Украинското министерство за одбрана објави дека украинската војска наводно заземала нови области во офанзива во Херсонска област. Но проруските власти од Хесон и Запорожје, кои ги контролираат уште од април, велат дека таму се одбиени сите обиди на украинските сили за пробив, како и дека се вршат подготовки за референдум на кој локалното населени ќе се изјаснува за директно присоединување на Руската Федерација, наместо на некоја од двете проруски самопрогласени републики во Доњецк и Луганск.

Украинскиот претседател Владимир Зеленски во вообичаеното ноќно обраќање објави дека украинските сили имале „некои позитивни придвижувања во Запорошката област, каде што успеавме да ги нарушиме плановите на окупаторот“. Но Reuters повторно наведува дека не можеле да ги потврдат тие напредувања.