Украина и Молдавија официјално ги отворија пристапните преговори со ЕУ

Украина и Молдавија официјално ги започнаа преговорите за пристап кон Европската унија во Луксембург во вторникот на две одделни меѓувладини конференции за пристапување.

Првите меѓувладини конференции за пристапување следеа по одлуката на Европскиот совет минатиот декември и усвојувањето на преговарачката рамка минатата седмица, иако и двете земји се со исклучително високо ниво на ендемска корпуција како и нерешени територијални прашања со Русија.

Преговорите прво ги отвори Украина, а веднаш потоа и Молдавија. Европската страна на меѓувладината конференција ја претставуваа белгиската министерка за надворешни работи Аџа Лабиб и комесарот за проширување Оливер Вархељи.

„Ова е историски ден за Украина и за ЕУ. Преговорите што денеска ги отвораме ќе бидат строги и напорни. Иднината на Украина и нејзините граѓани и припаѓа на ЕУ“, рече белгиската министерка и додаде дека е убедена дека Украина со одлучност и посветеност успешно ќе го заврши пристапниот процес.

Отворањето на преговорите го поздрави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

„Многу е добра вест што Европската унија денеска ги отвора пристапните преговори со Украина и Молдавија“, рече фон дер Лајен во видео пораката.

Советот на ЕУ ја повика Комисијата да продолжи да го анализира степенот на усогласеност на Украина и Молдавија со европските стандарди и да ги идентификува прашањата кои најверојатно ќе се појават во преговорите, почнувајќи од основниот кластер поврзан со владеењето на правото и внатрешните работи, кој според методологијата за преговори прв се отвора, а последен се затвора.

Белгиското претседавање со Советот на ЕУ успеа во намерата да ги отвори преговорите до крајот на својот мандат, а пред Унгарија да го преземе претседавањето, што, благо кажано, не гледа благонаклонето на пристапот на Украина кон ЕУ поради речеиси дводецениските конфронтирања меѓу Будимпешта и Киев.