Украина истражува 122 илјади воени злосторства

Украина од почетокот на руската инвазија покрена истрага за 122.000 потенцијални воени злосторства, истакна денеска државниот обвинител Андриј Костин.

„Веќе идентификувавме 511 сторители и имаме 80 пресуди во украинските судови“, повеќето во отсуство, рече Костин на маргините на конференцијата за меѓународно кривично право во Берлин.

Русија негира дека нејзините сили вршат злосторства или напаѓаат цивили и бара докази, како во случајот на наводниот масакр во Буча крај Киев, за кои сѐ уште не е објавен идентитетот на жртвите. Москва, исто така, вели дека ги документира случаите за наводни воени злосторства коишто ги извршиле украинските сили.

Украинските и западните претставници, пак, тврдат дека има докази за убиства и егзекуции, гранатирање цивилни објекти и принудни депортации, но кои досега не се претставени.

„ Се очекува дека бројот на воени злосторства ќе продолжи да расте“, најави Костин. „А една од причините може да биде тоа што Русија се чувствува неказниво“, нагласи тој, на ден пред втората годишнина од почетокот на руската инвазија на Украина.

Државниот обвинител нагласи дека на Киев му е потребна помош од меѓународната заедница во документирањето, истражувањето и процесуирањето на воените злосторства, иако „99 отсто од сите случаи“ ќе бидат процесуирани во Украина.