Бројот на граѓаните мибилизирани во украинската армија изнесува повеќе стотици илјади, изјави во вторникот заменичката на министерот за одбрана на Украина, Ана Маљар за националната телевизија.
„Станува збор за голем број, за стотици илјади“, рече Маљар но сепак не ја наведе точната бројка мобилизирани украински граѓани.
„Има претседателски декрет за мобилизација, постои одреден бројка што ја одредува претседателот колку граѓани треба да бидат мобилизирани“, додаде Маљар појаснувајќи дека таа бројка зависи од барањето на командата на украинските сили за изведување на поставените борбени задачи.
Заменичката на министерот за одбрана истакна дека во моментов се исполнети плановите за мобилизација во Украина, како и дека нема масовна појава на откажување.
„Не можеме да предвидиме што ќе се случи утре или задутре во врска со оваа ситуација, бидејќи сѐ зависи од ситуацијата на фронтот“, рече Маљар во врска со натамошна мобилизација на граѓаните во вооружените сили и додаде дека „во моментов не е поставено прашањето за мобилизација на жените“.
Изминатиот викенд беше објавено дека украинскиот претседател Владимир Зеленски го потпишал законот со кој се овозможува распоредување на припадниците на Територијалните одбранбени сили за извршување борбени дејствија во зоните на конфронтацијата.
Пред носењето на овој закон, припадниците на Територијалната одбрана можеа да извршуваат задачи исклучиво надвор од зоните на борбени дејствија, само во локалните заедници или во местата во кои се распоредени. По стапување на сила на новиот закон, ден по потпишувањето на Зеленски, можноста за нивно ангажирање се проширува на територијата на целата земја, и не ги вклучува само борбените зони, туку и оние кои во моментов се под контрола на проруските и руските сили.
Претходно украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников изјави дека треба да се зголеми бројот на борците директно вклучени во борбите на милиони луѓе.
Уште во јули минатата 2021 година, Врховната Рада го донесе а претседателот Зеленски го потпиша законот за „Основите на националниот отпор“, а од 1-ви јануари годинава врз основа на овој закон. Силите на територијалната одбрана станаа посебен дел на Вооружените сили, што во Москва беше толкувано како подготовка на Киев за воено решените на проблемот со одметнатите проруски југоисточни региони во областа Донбас. Според процените, од јануари годинава во Украина биле формирани 25 бригади за територијална одбрана, со состав до 100.000 припадници.