Украина мора да се откаже од територија, вели премиерот на Словачка

Украина треба да ја признае загубата на некои од териториите кои претходно беа под нејзина контрола за да го прекине конфликтот со Русија, изјави словачкиот премиер Роберт Фицо.

Фицо ја даде изјавата за време на викенд-интервјуто за радиодифузерот РТВС посветено на неговата претстојна посета на Украина. Словачкиот премиер во среда треба да отпатува во Ужгород, град во близина на границата меѓу двете земји, на средба со неговиот украински колега Денис Шмигал.

Тековниот конфликт меѓу Москва и Киев не може да се реши со воени средства и треба да заврши со компромис кој може да биде „болен за двете страни“, рече тој.

„Што чекаат Украинците? Дека Русите ќе ги напуштат Донбас и Луганск или дека ќе го напуштат Крим? Тоа е нереално“, смета Фицо.

Народните републики Доњецк и Луганск беа официјално инкорпорирани во руската држава во есента 2022 година, заедно со регионите Херсон и Запорожје, како резултат на референдумите одржани во тие области. Крим е дел од Русија од 2014 година.

Продолжувањето на борбите што се водат од февруари 2022 година само ќе ја направи Москва посилна, додаде Фицо.

Словачкиот премиер, исто така, рече дека Украина „не е суверена, независна земја“ бидејќи е „под апсолутно влијание на САД“. Тој ја критикуваше ЕУ дека направила „огромна грешка“ следејќи го водството на Вашингтон кога станува збор за справување со Киев, наместо да развива сопствен „суверен“ поглед за ова прашање.

Што се однесува до неговите разговори оваа недела со Шмигал, Фицо вети дека ќе му каже на својот украински колега дека е против членството на Киев во НАТО, бидејќи тоа ќе биде „токму основата на Третата светска војна“ и дека ќе повтори дека владата на претседателот Володимир Зеленски нема да  добие повеќе оружје од Братислава.

Интервјуто на премиерот предизвика лути реакции во Киев, при што шефот на Комитетот за надворешни работи на украинскиот парламент Александар Мережко побара да се откаже патувањето на Фицо во Украина поради неговите „срамни изјави“ кои ја преминаа „црвената линија“.

„Секоја земја треба да има барем минимална самопочит. Апсолутно е неприфатливо да се преправаме дека ништо не се случува кога лидерот на друга држава дава изјави кои го доведуваат во прашање суверенитетот на една држава што тој треба да ја посети“, напиша Мережко на Фејсбук.

Фицо се врати како премиер на Словачка во октомври, откако неговата партија победи на предвремените избори во земјата на ЕУ, водејќи кампања врз основа на ветувања, меѓу кои беше и  намалувањето воената помош за Киев и подобрување на врските со Москва.