Украина не очекува дека годинава ќе ги добие американските борбени авиони

Украина престанала да се надева дека годинава ќе ги добие борбените авиони „F-16“ од американско производство, откако со месеци ги притискаше западните сојузници да ѝ ги испорачат напредните авиони за одбрана од руската инвазија.

„Очигледно е дека нема да можеме да ја браниме Украина оваа есен и зима со F-16. Постоеше голема надеж дека овој авион ќе стане дел од нашата противвоздушна одбрана и да нѐ заштити од ракетите и теророт на беспилотните летала од Русија“, изјави портпаролот на украинските воздухопловни сили Јуриј Ингат за украинската телевизија.

Истакна дека барем е постигнат одреден напредок, бидејќи украински пилоти и техничари ќе можат да ја започнат обуката на овие борбени авиони „во блиска иднина“.

Членките на НАТО, Холандија и Данска ја предводат западната коалиција од 11 земји за обука на укрински пилоти за летање со напредни западни борбени авиони, но обуката и не значи дека авионите „F-16“ навистина ќе бидат испорачани. Меѓутоа, ветената обука сѐ уште не е оранизирана, ниту вооопшто е одредена временска рамка за нејзино спроведување.

Ниту една земја сојузничка на Украина во војната против Русија досега не се обврза дека на Киев ќе му ги испорача овие авиони. Авионите од складиштата во Холандија, Белгија, Данска и Норвешка, наводно би можело да бидат испорачани подоцна, меѓутоа, исто така, не се споменуваат временски рокови за тоа.

Аналитичарите забележуваат дека воздушната поддршка особено ѝ недостасува на украинската војска во текот на долгонајавуваната противофанзива која започна на почетокот од јуни, но досега не даде повидливи напредувања. Според некои воени аналитичари, западните сојузници стравуваат од можните неуспеси на нивните борбени авиони на украинското боиште, што би предизвикало недоврба во западната воена опрема и следствено големи финансиски загуби за значајната наменска индустрија.