Украина нема да добие формална покана за членство во НАТО, потврди Столтенберг

Челниците на земјите членки на НАТО нема да ѝ упатат формална покана на Украина да му се приклучи на Северноатлантскиот одбранбен блок на самитот во Вилнус кон средината на јули, потврди во понеделникот генералниот секретар на сојуз Јенс Столтенберг.

„На самитот во Вилниус и во подготовките за самитите не разговараме за прашањето за официјална покана“, изјави за новинарите Столтенберг по средбата со германскиот канцелар Олаф Шолц во Берлин.

Упатувањето официјална покана е првиот чекор во процесот на пристапување на една земја во членството на НАТО.

Столтенберг додаде дека челниците на земјите членки ќе разговараат за тоа како Украина да му се приближи на НАТО. Минатата седмица тој првпат порача дека на Украина на овој самит нема да ѝ биде упатена покана за членство во Алијансата. Тогаш Столтенберг, сепак, истакна дека Украина ќе стане членка на НАТО кога за тоа ќе дојде времето, без да навести никакви услови.

Во понеделникот во Берлин предупреди и дека е против прифаќањето на замрзнат конфликт во Укјраина во замена за прекин на воените дејства.

„Сите сакаме оваа војна да заврши, но праведен мир не може да значи замрзнување на судирот и прифаќање на договор кој го диктира Русија“, рече Столтенберг.

Претходно во саботата американскиот претседател Џо Бајден изјави дека Украина мора да ги исполни сите услови како и другите земји за да стане членка на НАТО. Запрашан дали е за тоа на Украина да ѝ се „олесни“ пристапот во Алијансата, Бајден кусо одговори „не“.

„Украина не може да биде фаворизиран и мора да ги почитува сите критериуми. Значи нема тоа да го олеснуваме“, рече американскиот претседател.

Бајден се изјасни за евентуалното членство на Украина во НАТО, што Русија го истакна како една од главните причини за воената инвазија во соседната земја започната на 24-ти февраури 2022 година.

Столтенберг денеска се осврна и на состојбата на Косово, повикувајќи ги „сите страни“ да спречат секаква натамошна ескалација и веднаш да се вратат на дијалогот кој се води под покровителство на ЕУ.

„Нашите сили, КФОР, ќе продолжат да ги преземаат сите потребни мерки за да гарантираат безбедна атмосфера“, додаде Столтенберг.

Високиот претставник на ЕУ за заедничка безбедносна и надворешна политика ги повика во неделата српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти на кризен состанок во Брисел следната седмица. Меѓутоа, ниеден од двајцата до понеделникот рано попладнето не го потврди дека ќе одговори на поканата на Борел.