Украина нема одбрана од руските балистички проектили, бара помош

Системите за противвоздушна одбрана со коишто сега располага украинската војска не можат да соборуваат балистички ракети, изјавил Јуриј Игнат, претставник на командата на воздухопловните сили на Украина, пренесуваат во понеделникот тамошните медиуми.

„Денес невозможно е да се собори балистички проектил со системите за противвоздушна одбрана со коишто сме вооружени. Затоа, најефикасниот метод за уништување на овие ракети е на самиот почеток, онаму каде што се распоредени“, рекол Ингат алудирајќи на удари врз бази на руска територија од каде што се лансираат таквите проектили со долг дострел кои изминатиот период ја разорија украинската клучна енергетска инфраструктура.

Претходно во понеделникот руското Министерство за одбрана објави дека во изминатото деноноќие извел напад врз цели во Украина со оперативно-тактичкиот ракетен систем „Искандер“.

Досега Москва од почетокот на инвазијата на Украина кон крајот на февруари само двапати објави за напади со овој ракетен систем, врз цели кои се поврзуваа со странските платеници во украинските сили и магацини со западно оружје. Само еднаш беше објавено дека системот „Искандер“ дејствувал од самата територија на Украина.

Во неделата украинскиот претседател Володомир Зеленски во телефонскиот разговор ги информираше американскиот претседател Џо Бајден дека во руските масивни ракетирања досега е уништена 50 отсто од енергетската инфраструктура на Украина.

Во понеделникот украинскиот премиер, Денис Шмихал во тој контекст побара западните ракетни системи „Patriot“ и други високотехнолошки системи за противвоздушна одбрана, со цел Украина да се спротивстави на засилените руски напади, кои продолжија и денеска на истокот на Украина.

Шмихал за француски медиуми изјави дека Русија таргетирајќи ја клучната инфраструктура во Украина и оставајќи милиони луѓе без струја и вода, „сака да ја преплави Европа” со нов бран украински бегалци.

Засега ниту една држава не испорачала системи „Patriotт“ за Украина. Германија ѝ понуди такви системи на Полска, како засилување на заштитата на полскиот воздушен простор, владата во Варшава излезе со идеја тие да ѝ бидат испорачани на Украина наместо да бидат разместени на полска територија. Меѓутоа поради инцидентот кога украински проектил уби две лица во пограничниот регион меѓу двете земји во полската јавност се отвори остра дискусија по ова прашање и засега не е донесена конечната одлука.