Украина нема присилно да ги мобилизира Украинците во странство

Украинското Министерство за одбрана повторно ги повика Украинците во странство да се вратат во земјата и да се приклучат во вооружените сили за да ја одбранат својата татковина од руската инвазија, но сепак, нема планови за враќање на мажите од странство или нивно мобилизирање под притисок, изјави портпаролот Иларион Пављук.

Пављук, всушност, се обиде да ги разјасни изјавите на украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров за мобилизација на Украинците кои избегаа во транство. Умеров претходно во интервју рече дека се дискутира за воведување правни „ограничувања“ за украинските мажи кои се во странство. Таквата идеја претходно повеќепати веќе беше разгледувана во медиумите, дури со наводи дека во тоа би помогнале и властите на земјите кои ги примиле украинските бегалци.

Стотици илјади Украинци се регистрирани како воени бегалци во Германија и во други земји. Официјално, мажите на возраст меѓу 18 и 60 години кои ги исполнуваат критериумите за отслужување воен рок не смеат да ја напуштат земјата, иако многумина тоа го направиле.

„Министерот ги повикува сите граѓани на Украина да се приклучат на вооружените сили каде и да сѐ. Дали ова важи и за Украинците од странство? Без сомнение. Одбраната на земјата во време на војна е уставна должност на сите граѓани“, посочи Пављук.

Меѓутоа, тој рече дека не се планира да се користат санкции или правен притисок врз лицата кои се надвор од Украина.

Британскиот јавен сервис BBC претходно во четвртокот објави дека министерот за одбрана Рустем Умеров изјавил дека Украинците во странство на возраст од 25 до 60 години ќе мора да се пријават на воена служба. Тој тоа го нарекол „покана“, но и предупредил дека ќе има санкции против оние кои ќе ја игнорираат, пренесе BBC.