Украина оди во ЕУ, ги исполнила сите услови

Украинскиот премиер Денис Шмихаљ изјави дека Европската комисија во извештајот потврди дека Киев ги исполнил преостанатите неопходни чекори неопходни за почеток на пристапните преговори, пренесува Ројтерс.

Шмихаљ изјави дека Европската комисија го поддржува почетокот на пристапните преговори меѓу Европската унија и Украина.

„Сега очекуваме нашите европски партнери да го направат следниот чекор – почеток на преговорите за членство во ЕУ веќе овој месец“, рече Шмихаљ во објава на Телеграм.

Претходно, Фајненшл тајмс објави дека Европската комисија ќе препорача почеток на преговорите за пристапување на Украина и Молдавија во ЕУ веќе овој месец, пред Унгарија да го преземе ротирачкото претседателство со блокот.

„ЕК врши притисок да започнат формални преговори со Киев и Кишињев овој месец за да испрати позитивен сигнал до двете земји за нивните аспирации за ЕУ. Комисијата во петок ќе каже дека Украина сега ги исполнува претходно неисполнетите критериуми, вклучително и антикорупциските мерки, ограничувањата за политичко лобирање, правила за декларирање на имотот на државните службеници и заштита на јазиците што ги користат националните малцинства“, пишува ФТ, повикувајќи се на свои извори.

Во исто време, како што пишува лондонскиот весник, Грузија, која го усвои законот за „странски агенти“ и покрај предупредувањата од Брисел, нема да добие таква препорака.

Препораката на Брисел бара едногласност на владите на земјите-членки на ЕУ, а се очекува Унгарија да искаже приговори, особено за односот на Киев кон унгарското малцинство во Украина, дознава ФТ.

Според висок дипломат на ЕУ, Будимпешта има дополнителна загриженост за правата и на другите малцинства во Украина, пишува Унијан.

На 1 јули Унгарија ќе го преземе ротирачкото претседавање со ЕУ, што ќе ѝ даде дополнителна моќ да ја обликува агендата на состаноците на кои ќе се разговара за прашања поврзани со Украина.

Белгија, која моментално претседава со ЕУ, се надева дека ќе постигне едногласност и ќе го одржи првиот круг од преговорите за пристапување во ЕУ на 25 јуни, пред да ја префрли диригентската палка на Унгарија.

Украина поднесе барање за членство во ЕУ неколку недели по почетокот на рускиот напад во 2022 година и доби кандидатски статус во јуни 2022 година.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, на почетокот на мај објави дека Украина е блиску до вистинскиот почеток на преговорите за пристапување во ЕУ.

Претходно, во писмо до Белгија, која во моментов претседава со ЕУ, дванаесет земји-членки на ЕУ го поканија Брисел официјално да ги започне преговорите за членство на Украина и Молдавија во јуни.

Зеленски неодамна јасно стави до знаење дека се надева на одлука за пристапните преговори – веќе во јуни. „Нашата земја, нашиот народ го заслужува тоа, а и на Европската унија и е потребен овој чекор“, рече тој на почетокот на мај.