Вооружените сили на Украина планираат напади врз територијата на Русија, вклучително и црноморскиот полуостров Крим каде мнозинското руско население по превратот во Киев во 2014-та со референдуми се одлучи за присоединување на Руската Федерација што не го признава Украина и Запад, со крстосувачки ракети од системите HIMARS од американско производство и со британски „Storm Shadow“, изјави во вторникот рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.
„Употребата на овие ракети надвор од зоната на специјалната воена операција (како што Москва официјално ја нарекува инвазијата во Украина), ќе значи целосно вклучување на САД и Велика Британија во конфликтот и ќе повлече брзи удари врз центрите на одлучување на територијата на Украина“, предупреди Шојгу од седница на колегиумот на министерството.
На почетокот од мај, Велика Британија ѝ предаде пратка од ракетите „Storm Shadow“. Како што пренесе тогаш CNN повикувајќи се на британски извори, Лондон добил гаранции од Киев дека тие ќе бидат употребувани само против руски цели „на суверенета територија на Украина“, што очигледно дека тоа го подразбира и Крим каде е историското седиште на руската Црноморска флота и руската армија и во периодот по осамостојувањето на Украина имаше голема воена база.
Истовремени и највисоките државни функционери на САД повеќепати изјавуваа дека американската страна не ги поддржува украинските напади на руска територија со употреба на оружје од американско производство, и оти Вашингтон јавно и приватно му го соопштува тоа на Киев. Меѓутоа, повремено се слушаат и изјави дека САД не можат да ѝ ги одредуваат целите на Украина.
Москва, пак, повеќепати предупреди дека западните проектили со долг дострел и висока прецизност украинската војска ги користи за гаѓање на чисто цивилни цели на териториите под руска контрола на украинскиот југоисток, но и врз самата територија на Русија.
Ракетите „Storm Shadow“ спаѓа во класата „невидливи“ крстосувачки (наведувани) ракети кои се лансираат од воздух, и се истрелуваат од авиони. Станува збор за заеднички проект на француската воена компанија „Matra“ и англиската „British Aerospace“, оружје кое во моментов го произведува концернот MBDA. Дострелот на варијантите кои се извезуваат, според американското специјализирано списание The Drive, изнесува 250 километри, но постојат и модификации со дострел од 560 километри.
Русија повеќепати предупреди дека испораките на ваквите западни вооружувања доведуваат само до ескалација на војната и оти ќе бидат легитимна воена цел транспортите со кои тоа оружје се доставува на територијата на Украина. Но во последно време, повеќе високопозиционирани руски политичари повикуваат преземање на воени акции на руската армија на локациите на кои се довезува таквото оружје во соседните земји на Украина.