Украина порачува дека побрзата воена помош е поважна од регрутирањето повеќе луѓе

Украина во четвртокот ги повика своите партнери да ја забрзаат воената помош, велејќи дека побрзата испорака на критична опрема на бојното поле е поважна од регрутирањето повеќе луѓе.

Висок претставник на американската администрација изјави во средата дека Украина не мобилизира доволно нови војници за да ги замени изгубените на бојното поле и го повика Киев да ја намали старосната граница за мобилизација од 25 на 18 години.

„Сега сме во ситуација кога ни треба повеќе опрема за вооружување на сите луѓе кои се веќе мобилизирани и мислиме дека прв приоритет е побрзо испраќање воена помош“, изјави Хеорхиј Тихиј, портпарол на украинското Министерство за надворешни работи.

Неговата изјава ги поддржа коментарите на украинскиот претседателски советник Дмитро Литвин, кој ја критикуваше бавноста на воената помош.

„Не може да се очекува Украина да компензира за доцнење во логистиката или двоумење во поддршката со намалување на старосната граница за луѓето на првите борбени линии“, напиша Литвин на платформата X.

Силите на Киев се борат со наглото руско напредување долж раширената линија на фронтот, каде што московските трупи освојуваат село по село во обид на крајот да го заземат целиот индустријализиран регион Донбас, забележува Reuters.

Портпаролот на Министерството за надворешни работи во Киев додаде дека стратегијата за мобилизација на Украина редовно се дискутирала со партнерите истовремено со другите теми, како што се одбранбената стратегија и санкциите против Русија, но негираше дека има некакви несогласувања.

„Можам да потврдам дека на преговорите се разговара за оваа тема, но можам и да негирам дека тоа е точка на тензија или дека се разговара на критичен или негативен начин“, рече тој.