Украина повторно воведува рестрикции на електричната енергија

Украина денеска повторно ќе воведе рестрикции на електричната енергија за некои потрошувачи поради недостигот на производство на струја по руските напади врз енергетскиот систем и зголеменото користење поради жешкото лето, соопштија украинскиот мрежен оператор и Министерството за енергетика.

Руските напади со ракети и дронови врз енергетскиот сектор на Украина се интензивираа од пролетта, што доведе до прекини на електричната енергија во многу региони и го принуди Киев да започне со масовен увоз на електрична енергија од ЕУ.

Рестрикциите ќе бидат во сила од 17:00 до 21:00 часот по локално време, информираше енергетскиот оператор „Укренерго“.

Украина значително ги намали испораките на електрична енергија во јули поради поправки на неколку клучни нуклеарни постројки и рекордно високите температури. Во август речиси немаше рестрикции, откако реакторите повторно беа пуштени, а температурите се намалија. Според украинските власти, земјата изгубила речиси половина од својот капацитет за производство на енергија поради нападите. (МИА)