Украина протестира за гранатирање на детска градинка на истокот на земјата, ја обвинува Москва за провокации и злосторство

Министерството за надворешни работи на Украина се обрати до сите меѓународни партнери со апел веднаш да го осудат гранатирањето на Станица Луганска и Врубивка во Луганската област од страна на милитантите, се истакнвуа во известувањето на украинската дипломатија коешто во петокот за медиумите го проследи амбасадата на Украина во Скопје.

„Украинските и странските официјални лица остро реагираа на грозоморниот инцидент, а меѓународните организации изразија револт. Притоа, за само неколку часа, снимката за гранатирањето, која беше објавена на страницата на Операцијата на Здружените сили (ООС), руските пропагандисти ја искористија на свој начин. Така, руските „Вести на Првиот канал“ го објавија видеото од прес-службата на ООС на тој начин што украинските војници наводно пукале врз едно од населените места на територијата на ОРЛО. Ги искривија информациите и во „Комсомолскаја Правда“. Тие искористија фотографии од видеото од гранатирањето на градинката за да го илустрираат насловот „Украина организираше гранатирање на градинка во Донбас“. Кон крајот на денот, пропагандистите на Кремљ веќе почнаа да се бунат во нивните „прикажувања“ на ситуацијата: наводно „украинската војска“ ем го гранатирала истиот тој цивилен објект ем го исценирала самото гранатирање“, се наведува во соопштението.

„Непријателот истрела 32 гранати кон Станица Луганска од тешко огнострелно оружје со калибар од 122 мм. Оштетена е зградата на градинката во која во тоа време имало деца и воспитувачки. Според првичните податоци, како резултат на гранатирањето тројца вработени во институцијата се здобиле со контузии“, соопштија од прес-службата на ООС.

Украинската дипломатија притоа констатира дека Руската Федерација „уште еднаш покажа цинизам од највисоко ниво, не само што не го крие сопственото злосторство, туку згора на тоа – за истото ја обвинува  оштетената страна“. „И на ова може да се одговори стандардно суво: уште едно „распнато момче“ на московската пропаганда. Може, доколку со овие дејства не би се покажувале лошо прикриените намери на руската страна да создаде „casus belli“.

„Руската Федерација постапува на карактеристичниот за неа начин. Грубо го прекршува меѓународното право, договорите, цинично пука во градинки и училишта, а потоа го пополнува информативниот простор со лаги дека наводно тоа се го направила украинската страна. Ниска информативна тактика, ако сме искрени, со оглед на тоа што истата ја користеше уште НКВД – односно поминаа децении од нејзиното откривање. Сепак, нашата информативна предност е во вистината, што меѓу другото е потврдена и со фактички докази“, ја прокоментира „информативната измама“ на руските медиуми заменик-министерката за одбрана на Украина Ганна Маљар.

Истакна дека нови извештаи од местото на настанот се формираат од страна на прес-службата на ООС. Тие можат да се најдат на страницата на ООС и на веб-страницата на Министерството за одбрана на Украина (вклучително и на англиски јазик).

Покрај тоа, Министерството за одбрана заедно со Министерството за внатрешни работи денеска оперативно организираше патување до местото на настанот за повеќе од дваесетина западни медиуми, кои на светската заедница ќе и достават објективни и вистинити информации за тоа што навистина се случило на 17 февруари во Станица Луганска и други места кои беа под оган од страна на руските окупаторски сили.

Потсетуваме дека Службата за безбедност на Украина веќе отвори кривична постапка за гранатирањето на цивилни објекти во Луганската област.

Врховниот командант на Вооружените сили, генерал-полковник Валериј Залужниj, нагласува дека секоја штета предизвикана на луѓе или на инфраструктурни објекти на привремено окупираните територии е провокација.

„Според информациите што доаѓаат од ОРДО, во некои населени места на привремено окупираните територии, особено во Донецк, се планира евакуација на локалното население поради можно влошување“, стои во изјава на Залужниј.

„Официјално известуваме: Вооружените сили на Украина строго се придржуваат до договорите од Минск и нормите на меѓународното хуманитарно право, не планираат никакви офанзивни операции или пукање врз цивили. Нашите акции се од чисто одбранбен карактер.

За состојбата на привремено окупираните територии е одговорна државата окупатор Руската Федерација.

Секоја штета што може да биде направена врз луѓето или инфраструктурата на привремено окупираните територии е провокација“, се додава во информацијата на украинската дипломатија.

Украина во моментов ги информира меѓународните организации за подготовка на вакви провокации.

„Заклучно со 19 часот, евидентирани се 47 прекршувања на режимот за прекин на огнот од страна на руските окупаторски сили, од кои 38 се со употреба на оружје забрането со договорите од Минск. Непријателот оствари таргетирано гранатирање на социјалната инфраструктура, ранувајќи двајца цивили. При тоа, со користење на дезинформации и пропаганда, руските окупациски администрации ги обвинуваат Вооружените сили на Украина за гранатирањето на цивили.

Грубите прекршувања на договорите од Минск од страна на руските окупаторски сили кои се случија во текот на денешниот ден мора да се истражат. Ова ќе овозможи поефективна акција во иднина со цел одржување на режимот за прекин на огнот.

Украинската делегација во Тристраната Контакт група се обрати до координаторот на ОБСЕ ТКГ со молба за итно свикување на вонредна седница на работната група за безбедност, по што ќе следи седница на ТКГ за прекршување на режимот за прекин на огнот во текот на 17 февруари.“

Во врска со гранатирањето на градинката во Станица Луганска издаде изјава и Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.

„Европската унија остро го осудува гранатирањето на градинката во Станица Луганска. Таквото неселективно гранатирање на цивилната инфраструктура е целосно неприфатливо и е јасно кршење на режимот за прекин на огнот и договорите од Минск“, се вели во изјавата.

„Европската унија повикува на итен прекин на тековната ескалација на насилството и ја изразува својата благодарност до Украина за нејзината континуирана воздржаност“, изјави Борел.

Тој, исто така, увери дека „како Европска унија, ние сме обединети во нашата непоколеблива поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во рамки на нејзините меѓународно признати граници“.