Украина разговара со САД за нова воена помош

Врховниот командант на украинските сили и највисокиот американски воен командант во Европа разговараа за можноста за нова воена помош за Киев, додека сојузниците почнуваат да ги обучуваат украинските војници да управуват со западните офанзивни тенкови кои би требало да ја зајакнат одбраната на Украина.

Врховниот командант на украинската армија, генерал Валериј Залужни, во понеделникот разговараше со врховниот командант на европските комбинирани сили на НАТО, американскиот генерал Кристофер Каволи пред состанокот на министрите за одбрана на неколку земји од НАТО што ќе се одржи подоцна во вторникот.

„Разговаравме за прашањето за испорака на меѓународна воена помош за Украина и обука на нашите војници на територијата на земјите партнери“, рече Залужни, како што е наведено во соопштението за печатот на украинското Министерство за одбрана.

Состанокот во вторник следи по конференцијата од 20-ти јануари во американската воздухопловна база Рамштајн во северна Германија, која беше клучна за одлуката за испраќање модерни тенкови во Киев, вклучувајќи ги американските тенкови „M1 Abrams“, германските „Leopard 2“ и британските „Challenger 2“ чијашто испорака ќе започне веројатно кон крајот на март.

Претседателот Володимир Зеленскии и други украински официјални лица оттогаш побараа од сојузниците да испратат и борбени авиони од четвртата генерација и ракети со долг дострел до 300 километри, за да се спротивстават на руската офанзива и да ја вратат изгубената територија, притискајќи го НАТО да покаже уште поголема поддршка за Киев.

Во понеделникот Германија започна со обука на украински војници да управуваат со тенкови „Leopard 2“ во воената база близу Минстер, каде што украинските војници веќе вежбаат на борбените пешадиски оклопни возила „Marder“, кои исто така ќе му бидат предадени на Киев.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека 14 германски тенкови, односно една тенковска чета, како и обучени украински екипажи треба да пристигнат во Украина кон крајот на март или почетокот на април.

Во понеделникот полскиот претседател Анджеј Дуда ја следеше демонстрацијата на вежбата „Leopard 2“ во воената база во Свиетошов во југозападна Полска, каде што украинските војници ги обучуваат полски, канадски и норвешки инструктори.

„Ние веќе спроведуваме не само собирање на овие тенкови за Украина, туку и циклус вежби за украинските војници да бидат подготвени и способни да се спротивстават на рускиот напад“, рече Дуда, според транскриптот на веб-страницата на претседателот.

Една група украински војници, беше спомената бројкаа, во Велика Британија вежба на тенкови „Challenger 2“, од кои 14 Лондон му вети на Киев.