Украина сѐ уште не ги исполнува критериумите за влез во ЕУ, изјави Орбан

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска пристигна на самитот на ЕУ со одлука да го попречи секој обид на колегите лидери да започнат преговори за членство на Украина.

Пристигнувајќи на состанокот, Орбан изјави дека Украина сѐ уште не ги исполнува критериумите „засновани на заслуги“ за влез во ЕУ и дека за ова прашање не треба ниту да се разговара.

„Нема да се оддалечиме од ова“, предупреди тој. Исто така истакна дека Украина исполнила три, од седумте услови што ЕУ ги постави за започнување на пристапните преговори.

Лидерите на ЕУ треба да гласаат за тоа дали да почнат преговори за членство на Украина за време на самитот во Брисел што започнува денеска.

Орбан остана на ставот дека ќе го блокира предлогот, кој бара едногласна одлука од лидерите на сите 27 земји на блокот.

Говорејќи пред пратениците во унгарскиот Парламент вчера, тој рече дека времето за внесување на Украина во ЕУ „сѐ уште не е дојдено“ и дека развојот на стратешко партнерство со Киев треба да биде предуслов за почеток на преговорите за членство.

Како што пренесуваат странски агенции, Киев очајно се обидува да го подобри наративот, откако претседателот на Украина Володимир Зеленски, не успеа во Вашингтон да ги придобие републиканските пратеници кои ја блокираа поддршката од САД.

Орбан, најблискиот сојузник на Русија во Европската унија, како што е наведено, стои на патот на надежите на Украина за финансиска помош од 50 милијарди евра и напредок кон нејзината цел еден ден да се приклучи на блокот.

Критичарите го обвинија унгарскиот лидер дека го држи во заложништво преживувањето на Киев во обид да го принуди Брисел да ослободи милијарди евра од фондовите на ЕУ замрзнати поради спорот за владеење на правото. Европската комисија се согласи вчера да деблокира 10 милијарди евра од тие пари, но 21 милијарда евра сѐ уште остануваат надвор од дофат на Орбан.

Зеленски изјави дека Орбан „нема причина“ да го блокира Киев да се придвижи кон членство во ЕУ и рече дека неговата земја не може да ја победи Русија без поголема поддршка од Западот.

„Најважно за нас, како Европа, е ефективно да ја поддржиме Украина“, рече новоизбраниот полски премиер Доналд Туск. „Ние не зборуваме само за Украина и војната и руската агресија, зборуваме за нашата иднина“, рече Туск.