Русија веројатно барем следните две седмици ќе остана на дипломатскиот пат со Киев и со Западот но ќе продолжи да се обидува да ја дестабилизира Украина, изјави во четвртокот украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.
Западот и Украина изразуваат загриженост за зголемување на воените сили близу украинската граница, а Русија инсистира дека нема намера да ја нападне соседната земја туку дека презема дејствија за сопствена безбедност стравувајќи дека Киев се подготвува за воено решение на конфликтот во одметнатата проруска област Донбас.
„Ништо не е променето, што е лоша вест“, изјавил Кулеба на прес-конференција во Копенхаген, откако Русија во средата во Париз преговараше во безбедносните прашање со дипломати од Украина, Франција и Германија.
„Но добра вест е тоа што советниците договорија состанок во Берлин за две седмици, што значи дека Русија следните две седмици веројатно ќе остане на дипломатскиот пат“, изјави Кулеба по средбата со данскиот министер за надворешни работи, Јеп Кофод.
Нормандските преговори, односно преговори во тн Нормандиски формат наречени така бидејќи беа договорени во северна Франција во јуни 2014-та по повод 70-годишнината од сојузничкото истоварување во Нормандија, се толкуваат како придвижување кон смирување на тензиите во источна Украина.
„За жал, најголемото барање коешто Русија го поставува е Украина директно да преговара со руските претставници во Донецк и Луганск, наместо да преговара со Русија. Тоа нема да се случи, тоа е работа на принцип“, рече Кулеба.
Донецк и Луганск се самопрогласени република во регионот Донбас на истокот од Украина, доминатно населени со руско и рускојазично население, кои по превратот во март 2014-та во Киев и укинувањето на рускиот јазик како втор официјален и наметнувањето на неизбрани гувернери од новите прозападни власти, се одметнаа од Украина. Русија, пак, инсистира дека конфликтот во Донбас е внатрешно украинско прашање и дека таа не е страна во судирот.
Кулеба рече дека Украина се подготвува за сите сценарија, но дека сега главната стратегија која Русија ја применува е дестабилизација на Украина, што вклучива според него користење техники на хибридно војување, како што се кибернетички напади и кампањи на ширење дезинформации.
„Мислиме дека воена операција им е една од опциите, но не и главната“, рече Кулеба.
Русија смета дека кризата во Украина ја покренаа САД и НАТО охрабрувајќи го Киев за воено решени во Донбас, и бара обврзувачки гаранции за неширење на Алијансата кон руските граници и непримање во членство на Украина. САД во средата во писмениот одговор до Русија на нејзините барања повторно ја поддржаа „политиката на отворени врати“ на НАТО, понудувајќи „принципиелна и прагматична оцена“ на она поради што Русија искажува загриженост.
Кулеба рече дека видел дел од одоворите кои се однесуваат на Украина и дека на тоа нема приговори.
„Мораме да ја пофалиме отвореноста на администрацијата на (американскиот претседател Џо) Бајден за консултации со нас пред да разговараат со Русија“, рече Кулеба додавајќи дека секакви договорите склучени без Украина не би биле прифатени.