Украински напад со дрон оштети рафинерија во јужна Русија, соопшти денеска гувернерот на руската област Ростов, Василиј Голубиев. Како што пренесе ДПА, тој рече дека нема повредени, иако нападот на фабриката во градот Новошахтинск предизвикал пожар кој се прошири на 50 квадратни метри.
Руските канали на Телеграм јавија дека локалните жители забележале употреба на воздушна одбрана и слушнале експлозии.
Рафинеријата Новошахтинск, лоцирана блиску до границата со Украина, претходно беше под воздушен напад во април.
Украина веќе неколку месеци ги напаѓа руските локации за производство на гориво, во обид да го прекине снабдувањето на Москва со користење дронови способни да патуваат на подолги растојанија, носејќи мали експлозивни полнења.
Русија соопшти дека Украина во текот на ноќта нападнала и складиште за гориво во регионот на Белгород. Украинската војска пријави руски напади во текот на ноќта со 18 борбени дронови и две ракети Искандер. Киев соопшти дека биле соборени 17 дронови.
Русија ги насочи двете балистички ракети Искандер-М кон јужниот украински регион Дњепропетровск, соопшти Киев, без да даде никакви информации за причинетата штета.