Украина: Со секој ден е сѐ поголема опасноста за нуклеарката Запорожје

Опасноста за нуклеарната централа Запорожје, во јужна Украина, за чиешто гранатирање Киев и Москва меѓусебно се обвинуваат, „со секој ден е сѐ поголема“, тврдеше во неделата украинскиот градоначалник.

„Опасноста со секој ден е сѐ поголема“, рекол во телефонски разговор за AFP, Дмитро Орлов, градоначалник на Енергодар кој остана лојален на Киев, осудувајќи „вистински нуклеарен тероризам од Русија кој во секој момент може да заврши со несогледиви последици“.

„Нуклеарната централа секој ден и ноќ се гранатира од окупираните села“, тврдел Орлов, додавајќи дека „ситуацијата се сериозна и дека најмногу го загрижува што нема процес на деескалација“.

Градот Енергодар, како и нуклеарната централа Запорожје, руските сили ги заземаа уште на почетокот од март. Централата ја контролира руската војска, но ја опслужува украински кадар.

Како што тврдел Дмитро Орлов, кој пребегал во Запорожје, гранатирањето на Енергодар започнало во последните 24 часа, „што претходно не се случуваше“ и оти во неделата е убиен еден цивил, 45-годишен маж. Така, произлегува дека руската војска самата се гранатирала, бидејќи градот е под нивна контрола каде воспоставија привремена проруска управа.

Загинувањето на мажот во Енергодар, но со обвинување дека гранатирањето го извеле украинските сили, го потврдил за руските медиуми и Владимир Рогов, член на Главниот совет на Воено-градската администрација на Запорошката област.

„Украинските националисти извршија ракетен напад врз станбен реон на градот Енергодар, Загина цивил“, напиша Рогов на Telegram. Додава дека била повредена уште една девојка, која била згрижена во болница.

Претходно во неделата руското министерство за одбрана објави дека украинските сили се обиделе да извршат ракетен напад врз нуклеарната централа, но оти неодамна инсталираните руски системи за противвоздушна одбрана го одбиле нападот а дека централата работи во редовен режим.

Русија обвини дека украинската војска неколкупати се обидела да изврши напади врз нуклеарната централна Запорожје недалеку од Енергодар. Ноќта на 7-ми август бил изведено ракетирање со системот „Ураган“, а делови од ракетите паднале околу 400 метри од енергетскиот блок кој бил во функција. По овој напад од безбедносни причини два болка во централата не работат со целата моќност.

Рогов не ја исклучил можноста нуклеарката да биде конзервирана, бидејќи поради украинските гранатирања нејзиното функционирање е сведено на минимум.

Гранатирањето на нуклеарната централа за што меѓусебно се обвинуваат двете страни го поттикнува стравот од нуклеарна катастрофа на најголемата централа во Европа, и поради тоа во четвртокот по барање на Русија се состана Советот за безбедност при Обединетите нации.

Во контрадикторните изјави од Киев се обвинува Москва дека ја користи нуклеарната централа како база за напади, на кои украинската војска не може да одговори. Во саботата вечерта украинскиот претседател Владимир Зеленски ја осуди „руската уцена“ со нуклеарката.