Украина употребила боев отров во Запорожје, обвини Москва

Украинската војска на крајот од јули употребила отровни супстанции против руските војници и цивилите во јужноукраинската област Запорожје, обвини во саботата руското министерство за одбрана повикувајќи се на токсиколошките наоди.

„Поради воените порази во Донбас и другите региони режимот на (украинскиот претседател Владимир) Зеленски одобри терористички акти со употреба на хемиски агенси против руските војници и цивилите. На 31-ви јули (…) руските војници кои извршуваат задачи во областа на селото Васиљевка, во регионот Запорожје, беа пренесени во воената болница со знаци на тешко труење“, брифирале за медиумите од министерството.

Како резултат на прегледите, додаваат од руското министерство за одбрана, во организмите на војниците била пронајдена отровната супстанција ботулотоксин од типот „B“. Дијагнозата била потврдена со дополнителна анализа којашто ја спровеле стручњаците од Главниот научно-истражувачки институт за воена медицина во Санкт Петербург.

Отровната супстанција ботолунски токсин од типот „B“ влијае врз мукозните мембрани очите и носот, продира во белите дробови и предизвикува тешко труење, често и фатално, бидејќи таму дури и минимална доза од само неколку милиграми е смртоносна. Делува со прекин на размената на кислородот и со блокирање на ацетилхолинот и лицето се задушува поради недостиг од кислород.

Следниот чекор, најавува руското министерство за одбрана, ќе биде подготовка на документацијата со којашто се потврдува „хемискиот тероризам од страна на Украина“ кои наскоро ќе бидат испратени во Организацијата за забрана на хемиско оружје (OPCW).

Министерството за одбрана, исто така, најавува дека Русија ќе спроведе дополнителна истрага за труењето на шефот на новата привремена администрација на Херсонската област, Владимир Салдо со воени токсични материи.