Украина воведе санкции за Путин и уште 34 руски политичари

Претседателот на украинскиот Парламент Владимир Гросјман потпиша декрет за воведување санкции против 35 руски политичари, вклучувајќи го и рускиот претседател Владимир Путин, пишува МИА.

Пратениците на Врховната рада споменатиот декрет го усвоија на 22 април со 256 гласови „за“, а претседателот на Парламентот денеска го потпиша.

Гројсман го потпиша декретот со кој на украинскиот Совет за национална безбедност и одбрана му се препорачува да воведе санкции против одредени руски граѓани, вклучувајќи го и рускиот претседател.

Станува збор за 35 лица, кои според украинските пратеници се поврзани со апсењето на украинскиот пилот Надежда Савченко.

Савченко е обвинета за вмешаност во погубување на двајца руски новинари, Игор Корнељук и Антон Волошин минатото лето во Донбас и за илегален премин на руската граница.

На листата освен Путин се и првиот заменик на шефот на кабинетот на претседателската администрација, Вјачеслав Володин, претседателскиот советник Владислав Сурков, претседателот на Државната дума Сергеј Наришкин и директорот на Федералната служба за безбедност Александра Бортникова.