Украинци и Белоруси шпионирале во Полска во полза на Русија

Нема руски државјани меѓу деветтемина странци уапсени во Полска под обвинение за шпионажа во полза на Русија и подготовки за диверзии, пишува полскиот дневен весник Rzeczpospolita повикувајќи се на сопствени извори.

Министерот за внатрешни работи и администрација, кој ја координира и работата на полските специјални служби, Мариуш Камински изјави дека „уапсените се странци од за источната граница, а за шест мина од нив е одреден притвор“.

Се тврди дека осомничените вршеле разузнавачки активности против Полска и подготвувале саботажи по наводни инструкции на руското разузнавање. Според весникот, во шпионската група биле регрутирани Белоруси и Украинци.

„Меѓу приведените нема Руси. Лица со руско државјанство веднаш би го привлекле вниманието, поради што веројатно биле регрутирани претставници на други националности“, го цитира весникот својот неименуван извор.

Во четвртокот белоруските медиуми објавија дема меѓу уапсените во Полска има тројца државјани на Белорусија. Беа објавени нивните идентитети и беа прикажани интервјуа со нивни роднини кои негираа секаква вмешаноста на уапсените со шпионски активности.

Според информациите на полската служба за внатрешна безбедност, групата осомничени била активна во чувствителната област Подкарпачие, на рутата на возовите кои се упатуваат кон граничните премини со Украина, пренесувајќи воена и хуманитарна помош. Безбедносната агенција ABW во вторникот успеала да ги приведен последните осомничени од таа група.

„Доказите укажуваат дека оваа група ги следела железничките линии. Меѓу нејзините задачи било и идентификување и документирање на транспорти со оружје кон Украина… Осомничените се подготвувале и за диверзантски акции со цел да го парализираат снабдувањето со опреме, оружје и помош за Украина“, посочил министерот Камински без да открива поединости.

Припадниците на полските безбедносни служби наводно заплениле камери, електронска опрема и GPS предаватели, кои требало да бидат поставени на транспортите за Украина и на повеќе места на полско-украинската граница. Радиото RMF објави дека биле откриени 50 такви предаватели

Според сознанијата на ABW, „групата имала наредби да спроведува пропагандни активности со цел да ги дестабилизира полско-украинските односи, да поттикне и предизвика непријателски чувства во Полска кон државите од НАТО и критики на политиките на полската влада кон Украина“.

Полските аналитичари сметаат дека станува збор за дел од хибридната војна што ја води Русија против НАТО и претставува опасност за вовлекување на земја членка во украинскиот конфликт. Особено предупредуваат на опасноста од тоа Москва да добие податоци за критичната инфраструктура во Полска, коишто би биле користени при евентуално прелевање на војната надвор од границите на Украина.