Украинците се држат во Северодонецк, но евакуацијата не е можна

Украинските единици сѐ уште ја држат под контрола индустриската зона во околината на Северодонецк, а ситуацијата е „тешка, но може да се управува“, изјави во четвртокот градоначалникот именуван од киевските власти Олександр Стрјук.

Стрјук додаде дека одбранбените линии се одржуваа и покрај интензивниот руски артилериски оган, но дека евакуацијата од Северодонецк во моментов е невозможна.

Според него, во градот кој е во средиште на офанзивата на проруските и руските единици во источна Украина, во моментов се наоѓаат околу 10.000 цивили.

Воено-административниот гувернер именувани од Киев за делот од регионот Луганск кој е под украинска контрола, Серхиј Хајдај во четвртокот рече дека руските сили во Североденецк „уништуваат сѐ што може да се користи за одбрана“.

Хајдај рече дека руските сили ги гранатираат областите кои и натаму се под украинска контрола, но дека украинските сили „ќе можат да го исчистат градот кога ќе им пристигне артилеријата со поголем дострел“.

Во неделата таканаречениот амбасадор на Луганск во Москва, Родион Мирошник, изјави дека продолжуваат борбите на територијата на големиот хемиски комбинат „Азот“ крај Северодонецк, но дека операцијата на проруските сили е забавена поради стравувањата дека украинските единици таму како „жив штит“ држат стотици цивили, како и дека таму има минирани контејнери со хемикалии. Сепак, истакна дека „тука нема да има втор Азовстал“, алудирајќи на ситуацијата во големиот утврден металуршки комбинат крај јужниот пристанишен град Мариупол, каде речици цел месец неколку илјади украински борци и околу илјада цивили.

Проруските сили со поддршка на руската војска настојуваат што поскоро да воспостават контрола над целата административна територија над рударскиот басен Донбас кој ги опфаќа Доњецкиот и Луганскиот регион, доминантно руски и рускојазични области, кои проруските сепаратисти значително ја контролираа по превратот во Киев во 2014 година. Северодонецк и блискиот Лисичанск, кои се на 80 километри од украинскиот административен центар Краматорси, се клучни за остварување на тој план.