Шведската полиција уапси украински државјанин кој се обиде насилно да влезе во руската амбасада во Стокхолм, удирајќи со автомобил во капијата на објектот.
Инцидентот се случил во вторникот наутро, кога неименуван 45-годишен украински државјанин се обидел да помине со својот автомобил низ влезот. Полициските службеници веднаш го привеле лицето.
И покрај тоа што нема сериозни оштетувања и никој не е повреден, амбасадата ги критикуваше органите на редот за очигледна небрежност и неуспех да ги спречат ваквите инциденти. „Сторителот на инцидентот и е добро познат на амбасадата и на локалната полиција“, се нагласува.
Осомничениот веќе извршил напади врз руски дипломатски објекти во Шведска во 2015 и 2018 година.
Украинецот оттогаш продолжи со диверзантските активности, се вели во соопштението на амбасадата кое што го пренесоа руските медиуми. „Сепак, полицијата не презеде сериозни мерки против ова лице, што доведе до денешниот инцидент“, се додава.
Шведската полиција го потврдила инцидентот.
Во ноември, неидентификуван дрон фрли боја врз руската амбасада во Шведска. Според руски дипломати, зградата и другиот имот што и припаѓа на амбасадата се соочиле со најмалку десет слични вандалски обиди само во 2024 година.
Според Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година, земјата што е домаќин на дипломатска мисија е одговорна за заштита на нејзините простории од упад или други акти на насилство.