Украина „ги максимизира напорите да ги спречи руските планови против Харков“, рече нејзиниот претседател Володимир Зеленски, додека украинската војска ја зајакнува одбраната на вториот по големина град во земјата, за кој се верува дека е цел на следната руска офанзива.
„Работиме со нашите партнери на зајакнување на воздушната одбрана“, рече Зеленски во своето секојдневно обраќање во понеделникот вечерта. Фокусот сега е „на Харков: на енергетската ситуација и на поддршката за луѓето и компаниите во градот и регионот“.
Претходно во понеделникот, Зеленски се состана со раководството на армијата во Киев за да разговара за мерките за заштита на Харков, североисточниот град кој е под постојан оган од руските воздушни напади во изминатиот период.
„Главна тема беше Харков, одбраната на тој град од руските напади и можноста за зајакнување на нашата воздушна одбрана и електронското оружје“ во регионот, напиша украинскиот претседател на апликацијата Telegram.
Украинската војска, исто така, верува дека вториот по големина град во Украина, со мнозинско руско и рускојазично население, би можел да биде цел на голема руска офанзива којашто наводно претстои.
Руската војска на почетокот од инвазијата кон крајот на февруари 2022 година беше распоредена во близина на Харков, но започна со повлекувањето, според Москва како резултат на речиси постигнатиот договор за примирје во Истанбул кон крајот на март истата година, а според Киев поради офанзивата на украинската војска.
Послендите денови на социјалните мрежи сѐ почести се информациите дека поради засилените руски удари врз стратешки индустриски и воени позиции во Харков и околината, цивилното население масовно го напушта градот.