Украинската православна црква бара од Зеленски да не ѝ се одзема киевската светија

Челникот на светски познатата древна Киевско-печерска лавра, митрополитот Павел , го повика украинскиот претседател Володомир (Владимир) Зеленски да не бидат истерани свештенството и верниците од оваа православно светилиште

Игуменот на Киевско-печерската лавра, митрополитот Павел (Лебед) од Вишгород и Чернобил, апелираше до Зеленски со барање да ги остави двата главни храма на канонската УПЦ, во кои свештениците повеќе нема да можат да вршат богослужби.

Манастирскиот комплекс основан во 1051 година, кој се наоѓа на списокот на УНЕСКО на светското кулурно наслество, е културен и историски бисер крај Киев кој датира од период на Киевска Русија, и е центарот на Украинската православна црква којашто е под историската јурисдикција на Московската патријаршија, наспроти новоформираната Православна црква на Украина (ПЦУ) чија самостојност ја прогласи грчката Вселенска патријаршија во Истанбул пред неколку години, кога беа одземени некои цркви од УПЦ а имаше и повеќе случаи на физички судири меѓу клерот и верниците на двете цркви.

„Доста ние е од непријателите кои го напаѓаат нашиот народ, доста ни е од бедата и тагата додека луѓето гладуваат на студот и без светло“, вели митрополитот Павел во видео-обраќањето до украинскиот претседател.

Го повика Зеленски на крајот од декември да не ѝ ги одзема на верските простори на Украинската православна црква.

„Сакате ли на луѓето да им ја одземете верата? Сакате ли да им ја одземете и последната надеж? Не правете го тоа“, вели Лебед.

Зеленски, кој е од украинско-еврејско потекло, ги забрани верските организации поврзани со Русија. Минатиот месец украинското разузнавање Службата за безбедност на Украина (СБУ) вршеше претреси и приведување во манастирскиот комплекс и во други цркви на УПЦ, под изговор дека бараат руски шпиони и пропагандисти, што беше оценето како притисок врз верниците на Украинската православна црква кои се русофони и оние кои не сакаат да минат под епархиите на новоформираната Православна црква на Украина.

Според украинските власти кон крајот на декември истекува закупот на комплексот, а Лебед бара да не бидат исфрлени свештенството и верниците. Директорот на музејот во кој е претворено светилиштето ги известил на 26-ти декември дека повеќе нема да им биде дозволена богослужба во тамошните цркви, рече Лебед.

Лебед рече дека луѓето кои немаат никаква врска со Православната црква не би требало на верниците да им одредуваат кога и како да го славата Христовото рождество и во која црква да одат. Имено, од оваа година новата Украинска православна црква Божик го одбележува според Грегоријанскиот календар, наместо според Јулијанскиот календар како што претходно го славеа Украинците со православна исповед.

Православните христијани сочинуваат повеќе од 43 милиони жители на Украина. По распадот на Советскиот сојуз, главно со политичка иницијатива во 1991 година беше формирана засебна Православна црква на Украина како ривал на Украинската православна црква, која во мај годинава по почетокот на војната ги замрзна контактите со Московската патријаршија.

Управувањето со светилиштето крај Киев коешто го сочинуваат цркви, манастири и монашки ќелии во спилите и мноштво историски споменици ја беше пренесена од државата во бесплатно владение на УПЦ. Во 2022 година, новоформранта ПЦУ најави создавање верска организација за која сака да добие еден од храмовите на Лаврата, а во УПЦ се сомневаат дека се обидува да ја заземе Киевско-печерската лавра со создавање манастир таму со новозамошените.

На почетокот на декември, архиепископот на ПЦУ Евстратиј (Зорја) изјави дека Светото Успенсата Киевско-печерска лавра, наводно, станала дел од ПЦУ и дека информациите за неа како правно лице биле внесени во државниот регистар. Украинскиот министер за култура, Олександр Ткаченко ги негираше овие информации, а канонската УПЦ соопшти дека „расколниците наречени Киевско-печерска лавра регистрирале лажен субјект без монаси“.