Поради недостиг на муниција, Украина подготвува три линии на утврдувања за да премине во активна дефанзива откако е принудена да ја запре долгонајавуваната противофанзива започната во јуни, изјави пратеничката во Врховната Рада (парламентот), Александра Устинова, на украински канал.
„Доколку нема оружје, ние веќе се подготвуваме, подготвуваме форитфикациски утврдувања – три линии, сфаќајќи дека ќе треба, особено во зима, да се префрлиме на одбранбена војна и да не одиме во офанзива. И разбираме дека дури и кога парите ќе бидат издвоени, светот останува без муниција“, рече пратеничката мислејќи на новито пакет помош од САД и Европската унија за Украина во нејзината борба против руската инвазија.
Според парламентарката Устинова, САД и Европа дури и со здружување на силите не можат да произведат количество муниција којашто ѝ е потребна на Украина, а колку во залихите има Русија. Така, Американците произведуваат околу 300.000 гранати годишно, а Украина користи милиони, појасни.
Сега сѐ повеќе се посветува внимание на создавањето на дронови FPV и други видови оружја, додаде претеничката.
Во петокот американската телевизиска мрежа CNN, цитирајќи официјални претставници, објави дека украинските трупи мораат да ја рационализираат употребата на муниција додека руската армија ги напаѓа нивните позиции со интензитет пет до седум пати поголем од можностите на украинските вооружени сили.
Без дополнителна помош од Соединетите држави, изјавија некои официјални лица за телевизијата, Украина прво ќе остане без ракети со долг дострел, потоа и без ракети за противвоздушната одбрана, а потоа артилериски гранати и ракети со краток дострел, како што се антитенковските и противвоздушни проектили „Javelin“ и „Stinger“.
Во почетокот на ноември, врховниот командант на украинските трупи, Валериј Залужни, во напис за магазинот Economist призна дека украинските вооружени сили дошле во ќорсокак, „нема да има подлабок пробив“ на линијата на фронтот. Според него, тој не можел да го демонстрира импресивното темпо на движење на војниците што се очекувало од него на Западот според учебниците на НАТО. Таа изјава предизвика остри реакции од кабинетот на претседателот Володимир Зеленски, па и од самиот украински челник.
Пред десет дена германските истражувачи коишто ги бележат меѓународните пакети помош за Украина објавија дека во прв ред западната воена и финансиска помош на земјата последните месеци остро паднала. Од август до октомври на Украина ѝ се ветени дополнителни пакети воена и финансиска помош во вкупен износ од 2,11 милијарди евра, објави германскиот Институт за светска економија (IfW) со седиште во Кил кој редовно ги бележи ветените пакети помош за Киев.
Тоа е за нешто повеќе од десетина од износот од истиот период минатата 2022 година и е најнискиот од јануари 2022 година, речиси два месеца пред почетокот на руската инвазија во Украина.
Истражувачите заклучуваат, исто така, дека Украина станува сѐ позависна од малиот број поддржувачи во војната против Русија, како што се САД, Германија и нордиските земји. Последните месеци и во Соединетите држави и во Европската унија се дискутира за нови големи пакети помош за Украина, меѓутоа преговорите западнаа во тешки политички спорови.
Украина, којашто по превратот од пролетта 2014 година добива значителна помош од западните земји, речиси 22 месеци војува за истиснување на руските трупи од својата територија, но дури и долгонајавуваната противофанзива започната во јуни не даде поголеми напредувања на Киев во тие настојувања.
За сиве овие речиси девет години прозападните власти во Киев се силно зависни од странската помош. Во некои случаи, украинските власти може да се потпрат на повеќегодишните програми коишто веќе ѝ се ветени.
Спроед истражувачите од IfW, државите членки на Европската унија и нејзините институции заедно сега даваат повеќе воена помош отколку САД, кои и натаму се најголемиот поединечен донатор на Украина.
Како една од вонредните поголеми програми е испораката на борбените авиони „F-16“ од американско производство од повеќе европски земји. Меѓутоа, според досегашните најави, станува збор за неколку десетици вакви летала, од кои некои се веќе расходувани во западните војски и предвидени за замена со посовремени борбени авиони.