Украинската војска загубила над 80 луѓе во Луганск во вчерашните борби, тврдат проруските сепаратисти

Најмалку 85 украински војници загинале во борбите изминатото деноноќие во југоисточниот одметнат од 2014 година регион доминантно населен со руско и рускојзично население, тврдат во средата претставниците на силите на ткн народна република во Луганск.

„Во текот на изминатиот ден, во текот на активните офанзивни операции на единиците на Народната милиција на Народната република Луганск непријателот претрпе значителни загуби во жива сила и воена техника. Уништени се до 85 лица, два тенка, четири оклопни транспортери, артилериска батерија“, се наведува во објавата на апликацијата Telegram.

Во извештајот, кој не може да се провери од независни извори и не е потврден од украинска страна, се наведува уште и дека во минатото деноноќие биле уништени три беспилотни летала и 18 специјални воени возила на украинската војска.

Во претходното деноноќие, според истиот извор, украинската војска исто така во Луганск загубила 90 војници, четири тенкови, три оклопни транспортери и 15 специјални воени возила.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот изјави дека ситуацијата на фронтот во регионот на Донбас е „тешка и болна“ и дека за тоа е потребна „сила и концентрација“ на целата земја.

„Прво, работите на линијата на фронтот. Бахмут, Кремина и други области во Донбас, за кои е потребна максимална сила и концентрација. Ситуацијата таму е тешка и болна. Окупаторите ги распоредуваат сите ресурси што им се достапни, а тоа се значајни ресурси, за да постигнат некаков напредок“, рече Зеленски во своето ноќно обраќање.

Претходно деновиве, поранешниот советник на врвот на американски Пентагон, полковникот Даглас Мекгрегор за каналот Redacted на YouTube, тврдеше дека украинската армија трпи големи загуби и е пред пораз во добро утврдениот град Бахмут (Артемовск, на руски), важно стратешко месо во Доњецк.

„Тие (Украинците) се обидуваат да го задржат местото што го викаат Бахмут. Тоа беше изградено како логистички центар што ги поврзува железничките и транспортните центри. Вооружените сили трпат загуби, губат илјадници војници во битките“, вели Мекгрегор.

Американскиот полковник истакнува дека украинската армија, којашто загубила многу искусни борци, сега е принудена да фрла на борбените позиции слабо обучени регрути, чијашто обука траеле само две до три седмици.

„Тие влегуваат во овие ровови и буквално го чекаат моментот кога ќе бидат уништени (…) Ова е трагична ситуација. Никој при здрав ум не би сторил нешто“, рече полковникот Мекгрегор.

Ден претходно, Мекгрегор го процени вкупниот број на загуби во жива сила на вооружените сили на Украина на 150.000 војници од кои 35.000 се водат како исчезнати. Како што рече американскиот полковник.

Кон крајот на ноември претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, повикувајќи се на стручни процени изјави дека во војната започната на 24-ти февруари со руската инвазија загинале повеќе од 100.000 украински војници. Но подоцна, по реакција од Киев овој дел од видео-изјавата беше сосема отстранет со образложение за „неточност“ и дека станувало збор за „вкупно загинати и ранети“ во војната.