Дури 27 играчи и членови на клупскиот персонал на украинскиот фудбалски прволигаш Карпати од Лвов се заразени со коронавирусот, со што овој клуб стана своевиден рекордерд, а поради што целиот тим и персоналот ќе мора да одат во 14-дневен карантин.
Сите натпревари на клубот во следните две седмици се одложени, како што се случи и со неделниот дуел против Мариопол, кога беа потврдени случаите на зараза кај двајца играчи и еден технички службеник. Во моментов коронавирусот е потврден кај 11 играчи од првата екипа и 16 члена на персоналот, пренесува порталот Sport.ua.
Доколку карантинот даде резултати, Карпати следниот меч од првенстовото ќе го одиграат на 20-ти јуни. Со само 14 бодови од 23 натпревари Карпати се на последното место на табелата во украинското првенство.
Во Карпати беа транспарентни и уште минатата седмица објавија за првите позитивни на коронавирусот во клубот, истакнувајќи дека ниеден од нив немал никакви симптоми. Клубот соопшто дека ги подвргнал на тестирање играчите и персоналот според сопствена желба, а ги предупредија и другите клубови да бидат подеднакво одговорни.
Во епидемијата на коронавирусот Украина досега регистрираше 24.320 заразени, од кои 727 лица починале.