Украинскиот авион „F-16“ соборен со проектил „Patriot“?!

Неодамна испорачаниот на Украина од западните сојузници борбен авион „F-16“ од американско производство е соборен од проектил на украинските противвоздушни сили „Patriot“, исто така, од американско производство, според објава на платформата Telegram на канал кој медиумите ѝ ги припишуваат на Марјана Безухлаја пратеничка во Врховната Рада (парламентот) на Украина.

Според објавата на пратеничката, таа дошла до информации дека украинскиот пилот Олексиј Месја, меѓу првите украински пилоти обучуван за управување со „F-16“, бил соборен од противвоздушен систем „Patriot“ поради немање координација меѓу единиците.

Истовремено во Вашингтон, заменичката портпарол на Пентагон, Сабрина Синг на новинарско прашање одби да потврди дали американската одбрана поседува сознанија дека авионот бил соборен од украинската противвоздушна одбрана.

Во четвртокот некои руски воени блогери, пак, тврдеа дека украинскиот „F-16“ бил погоден со руски хиперсоничен проектил „Кинжал“, но не се наведуваат никакви поединости во поткрепа на тие наводи за падот во Иванофранковската област на аердромот крај градот Коломија

Претходно на почетокот од седмицата руски и украински воени блогери објавија информации дека е уништен украински авион „F-16“ во периодот на руските жестоки ракетни и напади со беспилотни летала врз аеродромите.

Западната команда на украинските воздухопловни сили објави некролог на Facebook за пилотот 29-годишниот потполковник Олексиј Месја, велејќи дека тој загинал во понеделникот додека одбивал напад, но не спомна дека летал со „F-16“. Американската телевизија CNN објави дека неговиот прекар бил „Moonfish“ и дека тренирал за мисии „F-16“ во 2023 година.

Авион се урнал, а пилотот загинал додека се приближувал кон целта за време на руски воздушен напад, тврдеше во четвртокот на Facebook Генералштабот на Украина, без да прецизира во која област се случило уривањето.

За тоа дека еден од борбените авиони префрлен на украинските вооружени сили се урнал, претходно во четвртокот го објави The Wall Street Journal, повикувајќи се на извори. Според весникот, веројатна причина е грешка на пилотот.

Авионите „F-16 покажаа висока ефикасност“ и соборија четири руски крстосувачки ракети, се уверува во соопштението. „Комуникацијата со еден од авионите беше изгубена додека се приближуваше до следната цел. Како што се испостави подоцна, леталото се урна, а пилотот загина“, се вели во соопштението.