Украинскиот државен оператор со нуклеарните централи „Енергоатом“ негираше во четвртокот дека би можел да ја згасне големата нуклеарна централа којашто се наоѓа во област под контрола на руската војска, доколку Киев повеќе не може да управува со неа.
Постројката во Запорожје на југоистокот на Украина е најголемата нуклеарна централа во Европа. Руските сили од почетокот на март ја имаат контролата над таа област и територијата на централата, но со неа сѐ уште управува украинскиот персонал и натаму е приклучена на тамошниот енергетски систем.
Во четвртокот украинските медиуми пренесоа изјава на советник на украинскиот претседател кој рекол дека постројката ќе биде згасната доколку Киев ја загуби контролата на неа. Но „Енергоатом“ соопшти дека нуклеарката „не може да биде згасната од технички, безбедносни, економски и политички причини“.
Украинскиот државен оператори минатата седмица го отфрли предлогот на руски функционер дека оваа нуклеарка би можела да ја снабдува Русија, велејќи дека тоа е „физички невозможно“.