Украинскиот врховен командант го призна повлекувањето од клучниот град во Доњецк

Еден ден откако Русија соопшти дека ја презела контролата врз Маринка, мал град во областа Доњецк во источна Украина, началникот на украинскиот Генералштаб. Валериј Залужни во вторникот призна дека неговите војници „главно“ се повлекле но и негираше дека барал регрутирањње на половина милиоин нови украински борци.

Маринка е всушност југозападно предградие, кое до пред војната имало 3.000 домови и околу 10.000 жители, на порано двомилионскиот град Доњец, на само еден километар од градската населба Петровск. Преземањето на контролата врз Маринка ќе овозможи поефективна одбрана на градот Доњецк од артилериските удари од украинската војска, изјави во понеделникот рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу кој за заземањето директно пред телевииските камери го извести претседателот Владимир Путин.

Украинската војска веднаш го негираше тврдењето на Шојгу, иако во речиси двете години војна вообичаено е информациите кои пред медиумите му се соопштуваат на Путин да се веродостојни и проверени, понекогаш и објавени по неколку денови.

„Погрешна е информацијата за заземањето на Маринка. Нашите сили се во градот“, тврдеше за укранската национална телевизија воениот портпарол Олександр Штупун.

„Украинските одбранбени сили продолжија да го запираат непријателот во областа Маринка и Новомихајливка во областа Доњецк, одбивајќи пет руски напади“, соопшти рано во понеделникот Генералштабот на украинската армија.

 

Залужни во вторникот пред новинарите во Киев изјави дека се подготвени нови линии на одбрана пред градот, кој е главно уништен и напуштен, но има стратешко значење.

Маринка е на помалку од 30 километри југозападно од градот Доњецк, во истоимениот доминентно руски и рускојазичен регион, кој прогласи независнот по превратот со кој во Киев во март 2014 година беше соборена избраната власт а набрзо новите прозападни национлистички власти ги заменија избраните гувернери и поставија нови, го укинаа дотогашниот статус на службен на русиот јазик и забранија негово користење во јавноста како и русите медиуми.

Според Заслужни, „украинските трупи се повлекле (од градот), на некои места се вкопаа во околината на Маринка, а на други малку подалеку“. Во исто време, врховниот командант на вооружените сили на Украина истакна дека „градот Маринка повеќе не постои“.

Залужни, исто така, рече дека руските сили би можеле да успеат да ја освојат Авдеевка, важен транспортен јазол северно од Доњецк, за „два до три месеца“. „Одбраната ќе постои се додека тоа е можно“, додаде Заслужни.

Врховниот командант на вооружените сили на Украина, Валериј Залужни, на украинскиот ТВ канал Рада претходно во вторникот изјави дека воената команда не поднела барање за мобилизација на 500.000 луѓе, како што изјави претседателот Володомир Зеленски.

На прес-конференција на 19-ти декември, претседателот на Украина првпат, со бројки, се осврна на темата за новата голема мобилизација: тој рече дека до него се обратил Генералштабот со барање да се мобилизира дополнителна 450-500 илјади луѓе. Тој ги процени трошоците за ова на 500 милијарди хривни (13,4 милијарди американски долари). Секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана Олексиј Данилов, од своја страна, посочи дека процесот ќе трае најмалку една година.

„Воената команда не поднесе никакво барање за какви и да се бројки или слично“, ги коментираше зборовите на претседателот генералот Залужни.

Во исто време, тој призна дека вооружените сили на Украина имаат одредени потреби од луѓе да го покријат недостигот и да формираат нови воени единици. Генералот одби да даде конкретни бројки со образложение дека тоа е државна тајна.

Од неодамна украинските медиуми сѐ почесто пишуваат за растечката конфронтација меѓу Зеленски и Залужни. Голема врева предизвика интервјуто на врховниот командант за британскиот магазин The Economist, во кое тој изјави дека вооружените сили на Украина дошле во ќорсокак во долгонајавуваната противофанзива која започна на почетокот од јули без видливо напредување на боиштето. Оваа изјава предизвика остри критики од шефот на државата, кој побрза да ја побие.

Покрај тоа, минатата година украинските медиуми објавија дека Зеленски сака да го смени Залужни од функцијата врховен командант и да го постави на чело на Министерството за одбрана, бидејќи го гледа како конкурент на претседателските избори.

На почетокот на декември, порталот Страна.уа напиша, повикувајќи се на извор во украинските политички кругови, дека Зеленски сака да спроведе избори, но тоа нема да биде објавено додека не се добијат гаранции дека врховниот командант нема да учествува во нив.

Самиот Зеленски, во неодамнешното интервју за британскиот таблоид The Sun, ги нарече обидите на војската да се вклучи во политиката голема грешка. Медиумите ова го сметаа за директен напад на Залужни и де факто признавање на конфликтот меѓу нив.